„Мораме да ја тргнеме онаа филозофија „Учи сине за да не работиш“, бидејќи земјоделието е една перспективна дејност која е многу важна. Земјоделците се тие кои произведуваат храна“, вели агроном Катерина Трајаковска која покрај што е една од ретките жени во оваа професија таа е и првата која направи опит со 13 вида на израелски домати во Македонија.
Во скопско Инџиково во пластеник со димензии осум на 30 метри на 40 Целзиусови степени дипломиран земјоделски инженер Трајковска ја шета екипата на Трн, објаснувајќи ни како дошла до идејата за ваков земјоделски експеримент. Агроном Катерина Трајковска посочува дека идејата ја добила уште пред една деценија, но откако лани го посетила Израел и останала воодушевена од тамошните сорти на домати собрала сила за еден ваков голем чекор.
„Минатата година бев во Израел и имав можност дирекно да ги видам 30-те сорти кои се карактеристични за таму. Сакав лично да ги донесам сортите во Македонија и да видам како ќе се развиваат. Се одлучив токму за израелски видови, бидејќи климата таму и кај нас е скоро иста, иако во Македонија има дури и подобри временски услови. Годинава времето не е во корист на земјоделците, но јас успеав во мојот опит, а тоа го потврдува квалитетот на овие домати, односно нивната издржливост на неповолни временски услови“, вели Трајковска, додека бере од зрелите розеви домати чиј мирис се шири дури и надвор од пластеникот.
Меѓу другото агроном Трајковска посочува и дека во Израел, за разлика од нашиот образовен систем, на самите факултети се создаваат нови сорти. Водена од теоретското и практичното знаење од таму во јануари годинава со својот тим во Македонија ги засеале семките за расад. По не цели пет месеци од тогаш веќе имаат успешни насади со домати.
„Лично јас со мојот тим го започнавме целиот процес на 14 јануари кога ги засеавме семките. Ние агрономите младите растенија кои штотуку се проникнати ги нарекуваме бебиња, бидејќи бараат голема грижа и прилагодување на температурата и влажноста. Од тој момент па до сега, скоро половина година, постојано се грижиме за секој еден корен. Искрено очекувавме порано да добиеме зрели плодови, но временските услови си го направија своето. Сепак сме задоволни што и покрај малото задоцнување сепак успеавме. За еден корен, од овие израелски сорти, да кажеме дека е добар т.е дава квалитетен род ги броиме китките, но и колку од нив се оплодени. Во просек секој корен има шест до седум китки и тоа е потврда за здраво и родно растение“, вели агроном Трајковска.
И додека се движиме низ редовите со разни сорти на домати агроном Трајковска ни објаснува дека долг е процесот за да се воведат нови видови на еден пазар. Потенцира дека се потребни и неколку години на истражување за една сорта да може да стигне до земјоделците. Во тој процес на изведување опити се истражува и отпорноста на разни болести. Во случајот со израелските домати се потврдило дека скоро се неуништливи, особено доколку земјоделецот им посвети вистинска нега.
„Растенијата се отпорни, бидејќи растат големи и имаат висок генетски потенцијал. Морав да ги кратам на седум китки. Ако тоа не го правев кој знае до каде ќе израснеа, а тоа пак може да влијае на квалитетот односно големината на самите домати како плод“, додава Трајковска додека го проверува термометарот во пластеникот.
Пред да се поздравиме и да тргнеме во редакција да ви ја пренесеме оваа инспиративна приказна од полето на земјоделието се договоривме со земјоделскиот инженер Трајковска следната средба да ја направиме на нива кај некој земјоделец кој ќе одгледува од овие домати. Сами да се потврдиме, но и нејзе да ја убедиме дека овој опит со израелски домати ќе донесе нов тек на производство на домати во Македонија. Земјоделците со радост ќе ги одгледуваат овие сорти на домати кои даваат богат и квалитетен род, а се отпорни на разни болести. Со тоа уште еднаш ќе се потврди, како што вели Трајковска, дека Македонија има голем потенцијал за земјоделско производство, само е потребна желба и стимулација на земјоделците.