Најмалку 19 лица се повредени во силниот земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, што синоќа ја погоди Турција, соопшти турскиот министер за здравство Кемал Мемишоглу.
Земјотресот се почувствувал и во Грција, а според првичните податоци нема загинати.
Министерот Мемишоглу изјави дека четворица од повредените се здобиле со повреди поради скокови или падови, но по укажаната медицинска помош се пуштени дома.
„Сите повредени се во стабилна состојба и нивното лекување продолжува во болниците. Им посакувам брзо закрепнување,“ изјави тој, пренесува „Милијет“.
Според последните информации, урнати се три згради и една продавница, но спасувачките екипи се на терен и ја проверуваат состојбата на инфраструктурата во погодените области.