Во вторник ќе се случи првото затемнување на Сонцето во 2026 година, познато како прстенесто затемнување или „ватрен прстен“. Според податоците на Time and Date, феноменот ќе може да го видат околу два проценти од светската популација.
Станува збор за појава што настанува кога Месечината поминува директно меѓу Земјата и Сонцето, но е предалеку во својата орбита за целосно да го покрие сончевиот диск. Како што објаснуваат од NASA, тогаш околу темната силуета на Месечината останува светол прстен од сончева светлина, по што затемнувањето го добива името „ватрен прстен“. За разлика од целосното затемнување, во овој случај никогаш нема момент кога Сонцето е целосно покриено.
Најдобар поглед кон прстенот ќе има од делови на Антарктикот, додека делумно затемнување ќе биде видливо и од одредени региони во Африка и Јужна Америка. Овој тип затемнувања се случуваат на секои една до две години, но ретко се видливи од поголеми делови на светот. Следното прстенесто затемнување се очекува на 6 февруари 2027 година.
Затемнувањата се појавуваат во т.н. „сезони на затемнување“, кога затемнувањето на Сонцето обично е проследено со затемнување на Месечината во период од околу две недели. Овој настан ја означува првата појава во сезоната, а на 3 март се очекува и целосно затемнување на Месечината.
Бидејќи тесниот појас на „ватрениот прстен“ ќе помине главно над Антарктикот, голем дел од јавноста ќе може да го следи настанот само преку преноси во живо. Астрономите потсетуваат дека станува збор за прецизна геометрија – за да се види целиот ефект, потребно е да се биде на точно определена локација долж патеката на затемнувањето.
Експертите предупредуваат дека не е безбедно директно да се гледа во Сонцето за време на прстенесто или делумно затемнување без соодветна заштита. Потребни се сертифицирани очила за затемнување, бидејќи обичните очила за сонце не обезбедуваат доволна заштита. Алтернатива е користење на едноставен проектор со мала дупка низ која сончевата светлина се проектира на рамна површина, што овозможува безбедно набљудување на формата на прстенот.