„Мора да има правда за упропастената дабова шума и загрозувањето на нормалниот живот во селото. Кој дозволува уништување на белите дробови на Преспа и на Македонија?“ прашуваат жителите за „Независен“.
Денес дел од мештаните организираа мирни протести не само во Љубојно, туку и пред канцелариите на ресенската подружница на ЈП „Национални шуми“ – „Преспа дрво“. „Се поделивме – едни останаа во селото, други протестираат пред подружницата. Нашиот став е инспекциите да дојдат и еднаш засекогаш да се стопира сечата на шумата. Директорот излезе и ни рече дека сакаат да го приберат исеченото дрво, но ние бараме контрола од инспекции“, изјави Васко Томулевски, жител на Љубојно.
Жителите предупредуваат дека доколку се дозволи продолжување на сечата, ќе бидат принудени да се иселат, а целиот крај ќе се запусти. На 12 август, мештаните масовно се спротивставија на сечата на коријата во реонот на Долна Преспа и успеаја да ја стопираат активноста на концесионерот на „Преспа дрво“.
Сликата на коријата е алармантна – оголени падини, уништена природа и дрва подготвени за транспорт. „Преспанци ширум државата и светот се вознемирија од ова уништување и се организиравме да ја зачуваме шумата. Ако не се разбереме со надлежните, ќе поведеме правна битка“, истакна Слободан Рајчевски, сопственик на имот во селото.
На денешниот протест мештаните повикаа и иселени жители преку амбасадите да се приклучат во борбата против сечата. Тие сведочат за оголени падини, кубици дрва подготвени за транспорт, а семејството Коларовски повика на широка мобилизација: „Ова не е само проблем за Љубојно, туку за сите кои ја сакаат Македонија.“

„Веќе не се сече шумата, успеавме да ја стопираме пред околу петнаесет дена, но штетата е направена. Проценуваме дека е уништена коријата на околу 10.000 квадратни метри, а исто толку на локација блиска до Брајчино“, вели Рајчевски, додавајќи дека раководството на „Преспа дрво“ на мештаните им ветило дека шумата ќе се обнови за една до две години, што според нив е нереално.
Мештаните потсетуваат дека секој дожд во оголените падини предизвикува поројни води и ризик од ерозија, како што се случи на 17 август. „Сѐ е според план и закон? Ова е првиот знак за потенцијална катастрофа!“, реагираат тие.
Лазо Ангеловски, жител на Љубојно, истакнува: „Нема да дозволиме повеќе сеча, остануваме цврсти до крај“. Интензивниот сообраќај на камиони веќе ја оштети инфраструктурата, вклучително и селскиот водовод, а мештаните се загрижени за идната вода за пиење.
Регионот каде се сече шумата е вакуфско место, над црквата „Свети Атанасиј“ и блиску до манастирите „Свети Петар и Павле“. За блокирање на патот и спречување на транспортот на дрва, двајца жители веќе се казнети со 600 евра.
Концесионерот „Диба трејд“ од Косел има тендер од ЈП „Национални шуми“ за транспорт и обработка на дрвни сортименти на две парцели за една година, додека десетгодишниот план за сеча е во важност до 2033 година, што значи дека сечата ќе продолжи и во наредните години.
Владата соопшти дека се работи за регуларна сеча на нискостеблест даб, а градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, потврди дека планот опфаќа 7.000 кубни метри дрво за период од десет години. Жителите на Љубојно се категорични дека нема позитивен исход од сечата и бараат аргументи од „стручњаците“ кои ја поддржуваат активноста, за да ја прекинат борбата и барикадите на патот до шумата.
Извор: Nezavisen.mk