Екрем Имамоглу, кој се смета за најголем политички ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, беше уапсен по обвиненија за корупција минатата недела, што предизвика масовни протести.
Тој ги негира обвиненијата и тврди дека неговото апсење е политички мотивирано.
Протестот во саботата беше толку голем што масата на луѓе се простираше од местото на протестот до близкиот парк.
Претседателот на Републиканската народна партија (CHP), партијата на Имамоглу, го прочита писмото на уапсениот политичар кој се наоѓа во самица.
„Не се плашам, вие сте зад и покрај мене. Не се плашам, затоа што народот е обединет. Народот е обединет против угнетувачите”, напиша Имамоглу во писмото.
Неговата сопруга Дилек, исто така, беше присутна на протестот.
„Ќе продолжиме да се бориме”, рече таа.
Демонстрантите маваа со турската црвено-бела застава и скандираа: „Права, закон, правда!”.
Имамоглу беше градоначалник на Истанбул од 2019 година и постигна убедлива победа на минатогодишните избори. Тој беше избран за кандидат на CHP за претседателските избори кои треба да се одржат во 2028 година.
Се смета дека тој е единствениот политичар кој може да се спротивстави на Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (AKP).
Ердоган е на власт веќе повеќе од две децении, најпрво како премиер, а потоа како претседател од 2014 година.
Тоа ќе биде последниот мандат за Ердоган, ако не го измени турскиот устав.
Откако Имамоглу беше уапсен минатата недела, земјата е погодена од серија масовни продемократски протести.
Иако протестите во саботата беа мирни, претходно демонстрантите се соочија со полицијата која испукаше солзавец и гумени куршуми.
До сега се уапсени скоро 2.000 лица, а меѓу нив се и неколку новинари кои извештуваа од протестите.
Меѓу нив е и дописникот на BBC, Марк Ловен, кој беше депортиран откако властите тврдеа дека нема соодветна новинарска акредитација.
Ердоган ги нарече протестите „уличен тероризам” и ги обвини демонстрантите дека нападнале полиција и уништиле јавна имотина.
Постои страв дека Имамоглу нема да има слободен и фер судски процес.
Владата ги отфрла наводите дека апсењето на Имамоглу е политички мотивирано и инсистира дека турските судови се целосно независни.