Илјадници луѓе излегоа на протести ширум светот поради американскиот напад врз Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро.
Демонстрации беа организирани пред американските амбасади во Манила и Сеул, додека во Шпанија се забележани и протести и собири на поддршка. Дел од протестите беа насочени директно против американската надворешна политика и одлуката за воена интервенција.
Протести се одржаа и во Соединетите Американски Држави, каде што стотици граѓани излегоа на улиците на поголемите градови, меѓу кои Чикаго, Далас, Њујорк, Филаделфија, Питсбург, Сан Франциско и Сиетл, пренесува Гардијан.
Во Манила, демонстрантите носеа транспаренти со пораки против американскиот претседател Доналд Трамп, изразувајќи незадоволство од, како што наведоа, ескалацијата на воените интервенции и кршењето на меѓународното право, пренесе Ал Џазира.
Реакциите следуваат по операцијата во која американските сили го уапсија венецуелскиот претседател, настан што веќе предизвика остри дипломатски реакции и ја продлабочи глобалната дебата за легитимноста на интервенцијата и нејзините последици.
