Протестите во Сараево продолжуваат и оваа недела по трамвајската сообраќајна несреќа што се случи на 13 февруари, во која животот го загуби 23-годишен студент од Брчко. Граѓаните масовно излегуваат на улица барајќи утврдување на одговорност и институционална реакција.
Протестите, кои доминантно ги предводат студенти и млади луѓе, прераснаа од реакција на конкретниот случај во пошироко барање за системска анализа на пропустите на надлежните институции. Учесниците инсистираат на транспарентна истрага и утврдување вина за несреќата.
Редакцијата на Радио МОФ разговарала со Лоренс Страњак, кој од почетокот учествува во протестите. Тој посочил дека интересот и ентузијазмот секојдневно растат и дека покрај студентите се приклучуваат и други граѓани.
„Многу сум задоволен од сложноста на народот, особено ми е драго што голем број на млади излегоа на улица. На дел од средношколците ова им се први протести, па затоа е важно таа граѓанска самосвест да се буди уште од млада возраст. Од друга страна, сметам дека народот е инспириран и од актуелните случувања со протестите во Србија“, изјавил Страњак за Радио МОФ.
Тој нагласил дека како млада личност чувствува одговорност за општествениот систем во кој живее и дека токму тоа е мотивот за неговото континуирано присуство на протестите.
Според учесниците, актуелните протести се разликуваат од претходните граѓански собири по нивната масовност и фокусот на конкретна институционална одговорност. Иако во јавноста подолг период се отвораат прашања за функционирањето на системот, овој случај, како што наведуваат демонстрантите, претставува точка на кулминација на незадоволството.
Како што пренесува Радио МОФ, протестите во Сараево се поврзуваат и со студентските протести во Белград, при што се забележува поширок тренд на граѓански активизам меѓу младата популација на регионално ниво.
Протестите најавено ќе продолжат и во наредните денови. Демонстрантите очекуваат институциите да излезат со конкретни информации за текот на истрагата и евентуалната одговорност поврзана со трамвајската несреќа.