Протести против Трамп ги зафатија сите 50 американски држави – милиони луѓе на улиците

Масовни протести против американскиот претседател Доналд Трамп се одржаа во сите 50 држави во САД и во повеќе земји во светот, со учество на милиони демонстранти.
Photo: Shealah Craighead / White House


Масовни протести против американскиот претседател Доналд Трамп ја зафатија целата територија на САД, како и делови од светот, при што милиони граѓани излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство од неговата политика.

Протестите се одржаа на повеќе од 3.300 локации во сите 50 американски сојузни држави, во рамки на движењето „No Kings“ („Без кралеви“), кое организаторите го опишуваат како ненасилен отпор против, како што велат, авторитарно владеење од Белата куќа.

Демонстрациите истовремено се проширија и надвор од САД, со собири во најмалку 15 држави ширум Европа, Азија и Австралија, со што протестниот бран доби глобален карактер.

Учесниците ги наведуваат како причини за незадоволството војната со Иран, економските притисоци, имиграциската политика и ограничувањето на одредени права. Дел од демонстрантите истакнуваат дека растот на цените на основните производи дополнително ја влошува ситуацијата.

Организаторите тврдат дека ова е најголемиот бран протести досега, со милиони учесници, додека властите и републиканските претставници ги оценуваат демонстрациите како „неосновани“ и политички мотивирани.

Протестите доаѓаат во период на зголемени политички тензии и пад на поддршката за американскиот претседател, при што дел од неговите поддржувачи исто така изразуваат незадоволство.

Покрај САД, протести се одржаа и во светски метрополи како Рим, Париз, Мадрид, Амстердам, Сиднеј и Токио, каде граѓаните предупредија на ризик од проширување на глобални конфликти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни