Протести против корупцијата на Филипините – повредени 39 полицајци во судири

о Манила избувнаа насилни протести против корупцијата поврзана со милијарди долари за проекти за поплави. Повредени се 39 полицајци, а приведени 17 лица, главно малолетници.

Најмалку 40 лица, од кои 39 полицајци, се повредени во главниот град на Филипините – Манила, за време на немирите што избувнаа за време на протести против корупцијата, пренесе порталот на телевизијата GMA.

Според медиумските извештаи, демонстрантите, од кои голем дел биле маскирани, попладнево по локално време фрлале предмети кон полициските кордони и палеа гуми на Ајала мостот во Манила.

Полицијата: Фрлале шишиња, боја и камења

Полицијата соопшти дека демонстрантите – претежно малолетници, фрлале шишиња, боја и камења кон полицајците.

Во акцијата се приведени вкупно 17 лица под сомнение за нарушување на јавниот ред и мир, а се товарат и за палење на камион и фрлање камења.

Илјадници граѓани на улиците поради корупциски скандали

Протестот во Манила, на кој учествуваа илјадници Филипинци, се одржа во знак на револт поради истрагите за „фантомски“ и нестандардни проекти за контрола на поплави, за кои се верува дека ги чинеле даночните обврзници милијарди долари.

„Додека народот страда од бури и поплави, некои од наводно вмешаните во корупцијата се фалат со своето богатство на социјалните мрежи“, изјави еден од лидерите на протестите Франсис Акуино Ди, пренесе Bloomberg.

Барање за правда и враќање на украдените пари

Теди Касињо, претседател на сојузот на левичарски организации „Багонг Алијансанг Макабајан“, побара:

„Враќање на украдените средства и затвор за одговорните.“

Тој додаде:

„Народот излегува на улиците и го искажува својот бес, надевајќи се дека ќе изврши притисок врз Владата да си ја заврши работата.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни