Протести на Куба поради недостиг на храна, гориво и струја под американските санкции

На Куба избувнаа ретки антивладини протести поради недостиг на храна, гориво и електрична енергија. Властите тврдат дека е запалена канцеларија на Комунистичката партија, а неколку лица се уапсени.

Властите на Куба соопштија дека локална канцеларија на Комунистичката партија во централниот дел на земјата била запалена за време на ретки антивладини демонстрации на островот, пренесе Ал Џазира.

Условите за живот на Куба дополнително се влошуваат под строгите рестрикции на Соединетите Американски Држави, кои имаат цел да извршат притисок врз кубанската економија.

Запалена канцеларија на Комунистичката партија

Властите во саботата соопштија дека пет лица се уапсени поради „вандалски постапки“ во градот Морон.

„Она што започна мирно, по размена на зборови со властите се претвори во вандализам против Општинскиот комитет на Комунистичката партија“, пренесоа државните весници.

Видео-снимки објавени на социјалните мрежи прикажуваат демонстранти како упаѓаат во канцеларијата и фрлаат камења кон запалената зграда. На едно од видеата се слушаат извици „Слобода!“, јави новинската агенција Ројтерс.

Наводно биле оштетени и други државни згради.

Контроверзии околу пукање и повредени

Засега нема официјална потврда за повредени лица, а деталите за протестот и неговите последици остануваат нејасни.

Групата за човекови права Justicia11 соопшти дека во тој дел од градот се слушале истрели и дека е можно едно лице да било погодено.

Државната новинска агенција Vanguardia de Cuba ги демантираше овие информации.

Расте незадоволството поради кризата

Протестите се релативно ретки на Куба поради заканата од владина репресија. Сепак, во последните недели граѓаните сè погласно го изразуваат незадоволството поради недостигот на храна, електрична енергија и гориво.

Некои Кубанци ноќе удираат во тенџериња и тави – протестна традиција позната како „качеролазо“ – за да го изразат својот гнев поради недостигот на храна, додека преку ден стојат во долги редици дури и за леб.

Студенти од Универзитетот во Хавана во понеделникот организираа седечки протест откако наставата беше прекината поради рестрикции на струјата.

Американските мерки ја влошуваат енергетската криза

Економските услови на островот, кои и претходно беа тешки, дополнително се влошија откако претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп ја прекина испораката на нафта од Венецуела во обид да ја собори владата во Хавана, долгогодишна цел на американската политика.

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел во петокот изјави дека разговарал со американски претставници и посочил дека веќе три месеци ниту една пратка нафта не пристигнала на Куба.

Трамп нареди прекин на трансферот на венецуелска нафта и пари кон Куба откако Соединетите Американски Држави извршија напад врз Венецуела на 3 јануари. Тој напад кулминираше со киднапирање на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој имаше блиски односи со Куба.

На 29 јануари Трамп дополнително ги заостри мерките со извршна наредба со која ѝ се оневозможува на Куба да увезува нафта и гас. Наредбата предвидува економски санкции против секоја држава што директно или индиректно ја снабдува Куба со нафта.

Старата енергетска мрежа на Куба во голема мера се потпира на фосилни горива, како и автомобилите и генераторите што ги користат многу домаќинства и бизниси.

Во говор на почетокот на месецот, Трамп изјави дека Куба ќе биде „следна“ по завршувањето на војната на Соединетите Американски Држави против Иран.

„Куба стигна до крајот“, им рече Трамп на група латиноамерикански лидери на неговиот имот Мар-а-Лаго на 7 март.

„Додека постигнуваме историска трансформација во Венецуела, се радуваме и на величествената промена што наскоро ќе дојде на Куба“, изјави тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни