Грчките фармери денеска ги засилија протестите што се одвиваат низ целата земја со започнување 48-часовна блокада на главните автопати, крстосници и наплатни рампи, поради растот на трошоците за производство и најавениот контроверзен трговски договор на ЕУ со јужноамериканските земји.
Трактори се распоредени долж клучните сообраќајници низ земјата, при што целиот сообраќај е запрен, освен за возилата на итните служби. Полицијата го пренасочува сообраќајот кон споредни патишта каде што е можно и не интервенираше за да ги спречи блокадите.
Сепак, конзервативната влада предупреди дека нема да толерира проширување на блокадите.
Главниот автопат што ја поврзува Атина со северниот град Солун беше затворен во двата правца на неколку локации, додека земјоделците бараа поголема државна помош и отфрлање на договорот ЕУ–Меркосур.
Протестите, кои започнаа уште во ноември, првично беа насочени против зголемените трошоци за производство, дополнително влошени од низа кризи – скандалот поврзан со измами околу субвенциите поради кои беа одложени легитимните исплати, како и појавата на сипаници кај овците и козите.
Владата вчера објави одредени отстапки во обид да ги спречи најновите протести, меѓу кои поевтина електрична енергија за фармерите и намалување на данокот на горивото.
Предложениот спорен надворешнотрговски договор би создал голема зона на слободна трговија меѓу Европа и јужноамериканските земји, вклучувајќи ги Бразил и Аргентина.
Европските земјоделци стравуваат дека тоа ќе доведе до преплавување на пазарот со поевтин увоз, што поттикна протести и во други земји на ЕУ, меѓу кои и денеска во Франција.
„Ако овој договор се спроведе, грчкото земјоделство е завршено“, изјави Вангелис Рубис, еден од организаторите на протестот, за АП пред јужниот град Халкида.
„Грција зависи од земјоделството и туризмот. Немаме тешка индустрија како Германија и Франција. Трошоците за производство кај нас се 300 проценти повисоки отколку во Латинска Америка“, рече тој.
Како пример го наведе компирот, објаснувајќи дека на грчките фармери им е потребна цена од 35 до 40 евроценти по килограм само за да ги покријат трошоците, во споредба со околу 10 центи во Бразил.
„Сакаме Грција да се приклучи кон блокот земји од ЕУ што го отфрлаат овој договор“, додаде Рубис.
Протести и во Париз
Француските земјоделци утрово донесоа околу сто трактори во Париз за да протестираат против намерата на Европската унија да продолжи со договорот за слободна трговија со Меркосур, соопшти Министерството за внатрешни работи на Франција.
ЕУ оваа недела ги обнови внатрешните преговори за договорот за слободна трговија со земјите од Меркосур – Бразил, Аргентина, Боливија, Парагвај и Уругвај – а се шпекулира дека договорот би можел да биде потпишан во Парагвај на 12 јануари.
Поддржувачите на договорот, предводени од Германија, сметаат дека ќе можат да ги надминат приговорите на Франција и Полска.
