Протестите во Иран продолжуваат со несмален интензитет, додека бројот на загинати и приведени расте. Според податоците на американската мрежа за човекови права Human Rights Activists in Iran (HRA), најмалку 35 лица го загубиле животот во немирите, меѓу кои 29 демонстранти, четири деца и двајца припадници на иранските безбедносни сили.
Истата организација наведува дека повеќе од 1.200 лица се уапсени за време на демонстрациите против авторитарниот режим, при што информациите се базираат на мрежа на активисти на терен, која и во минатите протести обезбедувала проверени и точни податоци.
Иран веќе девет дена е зафатен од протести ширум земјата, првично поттикнати од наглиот раст на трошоците за живот и длабоката економска криза. Демонстрациите започнаа со протести на трговците во Техеран, а подоцна им се приклучија и студенти и граѓани во бројни други градови.
Според Deutsche Welle, протестите се прошириле на повеќе од 220 локации во 26 од вкупно 31 иранска провинција. Најжестоки судири се регистрирани на западот на земјата, особено во регионот Малекшахи, каде што живее значително курдско население. Состојбата и понатаму се оценува како нестабилна, а пристапот до информации е ограничен поради рестрикциите на интернетот и притисоците врз семејствата на жртвите.
Податоците на ИТ-компанијата Cloudflare покажуваат дека интернет-сообраќајот во Иран привремено опаднал за околу една третина во саботата, додека во неделата бил речиси 15 проценти под вообичаеното ниво.
Ова не е првпат иранските власти драстично да го ограничат интернетот за време на масовни протести. Слични мерки беа применети и за време на протестите во 2009, 2019 и 2022 година, како и за време на израелските воени напади во јуни минатата година. Во одредени периоди интернетот беше целосно блокиран, со пристап дозволен само до избрани државни веб-страници.
Сегашните протести сè уште не ги достигнале размерите на оние од 2022 година, кои беа предизвикани од смртта на младата Курдка Махса Амини во полициски притвор, но економските индикатори укажуваат на сериозна и долготрајна криза.
Од март минатата година, инфлацијата во Иран надминува 36 проценти, а националната валута – ријалот – изгуби околу половина од својата вредност во однос на американскиот долар. Токму ова беше непосредниот повод за актуелниот бран протести.
Иранската влада во неделата најави финансиска помош за граѓаните во износ од околу шест евра месечно во наредните четири месеци, иако просечната месечна плата во земјата изнесува околу 170 евра.
Врховниот верски лидер Ајатолах Али Хамнеи ги оцени економските барања на демонстрантите како „оправдани“, но истовремено предупреди дека „изгредниците мора да бидат дисциплинирани“.
Во меѓувреме, за протестите се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека Соединетите Американски Држави внимателно ја следат состојбата и се закани со интервенција доколку продолжи насилството и убиствата на демонстранти.
