Протести и пофалби за Вуди Ален во Венеција

Фото: Tiziana Fabi/Agence France-Presse

Поминаа шест години откако Вуди Ален имаше филм објавен во САД, но Филмскиот фестивал во Венеција сепак го посла црвениот тепих за најновиот филм на 87-годишниот режисер. Сепак, не сите таму го пречекаа режисерот со раширени раце.

Во понеделникот, неговиот нов филм, „Coup de Chance“, дебитираше во Венеција и ги заслужи неколкуминутните овации кои се вообичаени на повеќето фестивалски премиери. Меѓутоа, надвор од проекцијата, демонстрантите, делеле листови хартија барајќи од фестивалот „да ги тргне силувачите од центарот на вниманието“, објави New York Times.

Guardian објави и видео од демонстрантите кои извикуваа против Ален обвинувајќи го за силување и се судрија со обезбедувањето и полицијата.

Ален, кој со децении ги негираше обвинувањата за сексуална злоупотреба од страна на неговата посвоена ќерка Дилан Фароу, не е единствениот режисер во Венеција среде контроверзии. Претходно оваа недела, на фестивалот премиерно беше прикажан „Догман“ од Лук Бесон, кој беше обвинет за сексуален напад, но беше ослободен од обвинителите во 2019 година, како и „Палата“ од Роман Полански, кој во 1977 година беше осуден за незаконски секс со малолетничка, но избегал од САД пред да биде осуден.

„Coup de Chance“ е 50-тиот филм на Ален и неговиот прв негов филм на француски јазик. Со Лу де Лаж и Мелвил Пупо во главните улоги, тоа е драматичен трилер од Париз за една мажена жена која повторно се поврзува со поранешен љубовник, што го тера нејзиниот посесивен сопруг на мисли за убиство.

Критичарот на Variety, Овен Глајберман, го нарече „Coup de Chance“ најдобар филм на Ален по „Blue Jasmine“ во 2013 година, но како и неговите последни два филма, „Rifkin’s Festival“ и „A Rainy Day in New York“, моментално нема дистрибуција во САД. Последниот филм на Ален што беше објавен во САД беше драмата „Wonder Wheel“ од 2017 година, со Кејт Винслет во главната улога.

Во интервју за Variety оваа недела, Ален повторно беше прашан за наводите на Дилан Фароу. „Мојата реакција секогаш беше иста“, одговори тој. „Ситуацијата ја истражуваа две лица, два големи органи, не луѓе, туку два големи истражни органи. И двете, долги детални истраги, заклучија дека нема никаква основа за овие обвиненија“.

Во истото интервју, Ален изјави дека размислувал да се пензионира по „Coup de Chance“, бидејќи повеќе не сака да оди низ процесот на собирање пари за финансирање на неговите филмови. Сепак, тој истакна: „Не знам што значи да се биде откажан. Знам дека со текот на годините се ми беше исто. Јас ги снимам моите филмови“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни