Денеска ќе се одржи голем протестен марш „Стоп за сообраќајното насилство“ во Неготино, организиран од другарките на Фросина Кулакова, која беше прегазена во Скопје.
Во повикот за денешниот протест беше наведено и дека се организира бесплатен превоз до Неготино и назад за тие кои се од другите градови и сакаат да бидат дел од протестот.
„Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите кои секојдневно се случуваат на нашите улици. Овој протест е повик за промени, порака дека е доста со жртви во сообраќајот. Маршираме за Фросина, за Викторија, за сите кои го загубија животот поради несовесни возачи и нефункционални институции“, стои во повикот за учество.
Протестот има цел да ја истакне сериозната ситуација со сообраќајното насилство и апелира на итна промена.
Фросина Кулакова беше студентка по мода, а беше прегазена на 22 годишна возраст преминувајќи на пешачки премин во Скопје на булеварот „Партизански одреди“.