Протест во Нови Сад поради два нови случаи на фемицид во Србија

Групата „Жени за промени“ денеска организираше протестна акција на Плоштадот на слободата во Нови Сад, поради уште два случаи на фемицид што ја потресоа Србија.

Според организаторите, станува збор за 14-тиот и 15-тиот случај на убиство на жена од почетокот на годината.

Собирот започна во 15:30 часот, а централниот говор го одржа студентката и активистка на организацијата „Ирида“, Теодора Петриќ, која потсети на двата најнови случаи на убиство: во селото Печењевци кај Лесковац, каде што маж ја убил својата партнерка и го сокрил нејзиното тело, и во Борча, каде што жена загинала откако паднала од тераса за време на конфликт меѓу поранешен и сегашен партнер.

„На маршот за 8 Март рековме ‘уште една од нас’. Сега сакаме тоа да одекнува низ цела Србија – уште една од нас“, изјави Петриќ, додавајќи дека и двете жени претходно пријавувале насилство, но системот не реагирал навреме.

Активистките повикаа институциите да преземат конкретни мерки за заштита на жените и спречување на насилството. Меѓу нивните барања се:

  • формирање државно тело за следење и анализа на случаите на фемицид;
  • воспоставување систем за проценка на ризик од убиство во секој пријавен случај на семејно насилство;
  • доследно спроведување на заштитните мерки како забрана на пристап и контакт со жртвата;
  • класификација на фемицидот како посебно, најтешко кривично дело;
  • воведување превентивни програми за млади и семејства, со фокус на менталното здравје и родовата еднаквост.

Присутните на протестот со 15 минути тишина им оддадоа почит на сите жени убиени во Србија од почетокот на годината. Според „Жени за промени“, секој од овие случаи претставува неуспех на системот да ги заштити жртвите кога најмногу барале помош.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни