По новиот случај на фемицид, во кој во неделата во Мостар беше убиена триесет и двегодишната Алдина Јахиќ, за денес во градот е најавена протестна прошетка. Иницијативата на граѓанки и граѓани ги повика жителите да се соберат на Шпанскиот плоштад и со мирен протест да испратат порака против сè почестото насилство врз жените во БиХ. Како што пренесуваат сараевските медиуми, организаторите истакнуваат дека сакаат да ја свртат вниманието на јавноста кон проблемот со фемицидот и да побараат овој злостор да не остане неказнет.
„Исто така сакаме јасно да порачааме дека фемицидот извршен во Мостар, убиството на Алдина Јахиќ, не смее да остане неказнет и да ни биде опомена дека на насилството не смееме да му ги затвораме очите“, наведоа организаторите.
Алдина Јахиќ беше убиена во Мостар со истрели од пиштол од нејзиниот поранешен момак, Анис Калајџиќ, фудбалски судија во Првата лига на Федерацијата БиХ. Тој ја нападнал додека одела на тренинг, по што го извадил пиштолот. Алдина се обидела да побегне кон блискиот хотел и да се скрие, но напаѓачот влегол по неа и ја усмртил со истрел.
Ова е уште еден во низата случаи на фемицид во Босна и Херцеговина последниве години, за кои не постојат официјални и прецизни податоци, додека организациите од граѓанскиот сектор проценуваат дека се работи за околу 11 убиства годишно, пренесе Радио Слободна Европа.
Министерот за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон, Марио Мариќ, соопшти дека злосторството се случило во недела околу 18 часот, и дека жртвата непосредно пред убиството ја повикала полицијата, пријавувајќи дека поранешниот партнер ја брка со пиштол.
Патролата пристигнала за неколку минути, но убиството во меѓувреме веќе било извршено.
Од полицијата наведуваат дека немаат информации дека Калајџиќ се обидел да изврши самоубиство, како и дека Јахиќ претходно не пријавувала насилство, и покрај медиумските написи дека осомничениот ѝ испраќал заканувачки пораки.
Мариќ додаде дека Калајџиќ никогаш немал дозвола за оружје, ниту поднел барање за истата. Против него претходно бил воден постапка за загрозување на безбедноста по пријава од поранешна девојка.
„Во јануари оваа година една жена го пријави осомничениот за слични постапки, и за кривичното дело загрозување безбедност против него беше поднесен извештај до надлежното обвинителство, а го поднесе полицијата во Мостар“, изјави Мирза Рожајац, началник на Секторот за криминалистичка полиција на МУП ХНК.
Во тој случај, како што додаде Рожајац, против Калајџиќ била подигната обвинение пред Општинскиот суд во Мостар.
„Мислам дека рочиштето беше закажано за некој нареден период“, додаде Рожајац.
Од Делегацијата на Европската унија во БиХ, по убиството во Мостар, ги повикаа властите во земјата „да ги зајакнат системските одговори на насилството врз основа на пол и да ја подобрат примена на постојните закони“. „Седницата на Претставничкиот дом на Федерацијата БиХ во среда мора да претставува одлучен чекор кон промените“, наведоа во објава на социјалните мрежи.
На почетокот на оваа година, властите во Федерацијата БиХ, под притисок од протестите поради растечкиот број на убиства на жени, донесоа закон со кој најавија поефикасна заштита на жртвите на семејно насилство. Но планираните мерки не заживеаја поради неизготвување на неопходните правилници, потсетува RSE.
По убиството на Низама Хеќимовиќ во август 2023 година, која беше убиена од поранешен партнер во Градачац, граѓанските протести низ целата земја побараа поефикасно дејствување на институциите во заштитата на жените и процесирањето на сторителите. Пред да биде убиена, 38-годишната Низама се обратила до полицијата и судот, барајќи мерки на заштита и забрана на приоѓање и вознемирување, но нејзиното барање било одбиено затоа што судот проценил дека нема доволно докази.
Тоа беше еден од најбруталните случаи на убиства на жени во БиХ, по кој ентитетските власти, под притисок на јавноста, усвоија законски измени и ветија подобра заштита од насилници.
Изменетиот Закон за заштита од семејното насилство стапи во сила во март оваа година, по што следуваа измени во Кривичниот закон во кои фемицидот беше внесен како посебно кривично дело.
Измените на Законот за заштита од семејното насилство, меѓу другото, ги проширија овластувањата на полицијата, која сега има обврска по секоја пријава да направи проценка на ризик од смртност и повторување на насилството, пренесува RSE.
