Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги повика сите работници да се приклучат на голем работнички протест кој ќе се одржи на 14 март во Скопје, со барање за зголемување на минималната плата и раст на останатите работнички примања.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најави дека протестот ќе започне во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје, по што ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
„Ние ќе се бориме, а вие? На 14 март започнуваме протест за достоинствени работнички плати. Нема простор за изговор, затоа што протестот е во неработен ден за најголем дел од работниците, а ќе организираме и превоз“, порача Трендафилов.
Според него, протестот е можност работниците да излезат заедно и да се борат за подобар животен стандард.
Трендафилов посочи дека 154.399 работници во Македонија имаат плата под 30.000 денари, што значи дека речиси една третина од вработените живеат под прагот на сиромаштијата.
„Од почетокот на годината работниците се посиромашни за околу 2.000 денари, а се предлага зголемување од само 1.667 денари. Тоа не е доволно за достоинствен живот“, изјави тој.
Тој предупреди дека без зголемување на минималната плата нема да има раст на платите ниту во приватниот сектор, бидејќи, како што рече, работодавачите досега немале иницијатива сами да ги зголемат.
Според Трендафилов, дел од вработените во јавниот сектор би можеле да добијат минимални покачувања од околу 5 до 7 проценти, што изнесува приближно 1.500 до 2.000 денари, но тоа нема значително да го подобри животниот стандард.
ССМ ги повика сите работници, без разлика на тоа дали се членови на синдикат или не, да се приклучат на протестот.
„Мора да почнете да се борите и вие за зголемување на вашите плати. Ние ќе продолжиме да се бориме, но без масовна поддршка од работниците промените ќе бидат тешки“, порача Трендафилов.
Тој додаде дека синдикатот ги отфрла политичките игри поврзани со работничките барања и порача дека зголемувањето на платите не смее да биде предмет на политички калкулации.