Петти ден на улица: Сараево бара правда по смртоносната трамвајска несреќа

Петти ден протести, оставки во Владата на КС и повлечени стари трамваи – граѓаните бараат целосна истрага и безбеден јавен превоз
Screenshot / N1 BIH

Петти ден по ред граѓаните на Сараево излегуваат на протести по тешката трамвајска несреќа во која загина 23-годишно момче, а четири лица беа повредени. Денешниот собир е закажан во 12 часот пред Националниот музеј, по иницијатива на неформална група студенти, пренесуваат локалните медиуми.

И покрај снежното утро и најавите за дожд и лапавица во текот на денот, организаторите најавуваат дека протестите продолжуваат со истата порака: „Нема назад, мора да има одговорност“.

Вчера, неколку илјади граѓани, предводени од средношколци и студенти, мирно маршираа од Националниот музеј преку Скендерија до Обвинителството на Сараевскиот кантон, а потоа покрај Претседателството на БиХ повторно до музејот.

Граѓаните побараа објавување на целосни информации за истрагата, вклучително и податоци за трамвајскиот сообраќај и снимки од трамвајот во моментот на несреќата, повлекување на сите стари трамваи додека не бидат повторно сервисирани со јавно објавување на податоци за нивната исправност, оставки од сите одговорни лица, како и обезбедување безбеден јавен превоз и суспензија на приватизацијата на градскиот транспорт.

Во меѓувреме, дојде и до политички последици. Премиерот на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, поднесе оставка, со што падна целата Влада на КС. Оставка поднесе и директорот на јавното сообраќајно претпријатие ГРАС, Сенад Мујагиќ.

Министерот за транспорт Аднан Штета изјави дека сите стари чешки трамваи се повлечени од сообраќај и дека нема да бидат вратени додека не се спроведат детални проверки. Тој најави дека резултатите од контролите ќе бидат јавно објавени пред повторно пуштање во употреба.

Од Обвинителството на Сараевскиот кантон соопштија дека снимката од камерата во трамвајот, која се анализира по наредба на обвинителите, претставува доказен материјал и дека нејзиното објавување може да ѝ наштети на истрагата. Во тек е и постапка за обезбедување на снимки од видео надзор од околните објекти, за што се чека судска наредба.

Протестите продолжуваат во атмосфера на тивка, но упорна решеност. Граѓаните порачаа дека нема да се повлечат додека не добијат јасни одговори и системски промени во јавниот превоз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни