Масовниот протест против организацијата на Зимските олимписки игри 2026 во Милано, кој започна како мирна прошетка и собир на демонстранти, во вечерните часови прерасна во судири со полицијата. По инцидентите, италијанската премиерка Џорџа Мелони учесниците во протестот ги нарече „непријатели на државата и на Италијанците“.
Илјадници луѓе се собраа во саботата попладне во центарот на Милано, носејќи транспаренти, марширајќи, пеејќи и танцувајќи, изразувајќи противење на Олимписките игри поради, како што наведуваат, негативните еколошки, економски и социјални последици. Сепак, во текот на вечерта дел од демонстрантите се судрија со полицијата, фрлајќи петарди и димни бомби кон полициски возила. Безбедносните сили одговорија со солзавец и водени топови.
Мелони реагираше преку социјалните мрежи, изразувајќи поддршка за полицијата и локалните власти.
„Уште еднаш, изразувам солидарност со полицијата, со градот Милано и со сите оние чие работење е загрозено од овие криминални банди“, напиша Мелони, нарекувајќи ги демонстрантите „непријатели на Италија и Италијанците“.
Протестот беше организиран од Комитетот против неодржливи Олимписки игри, кој обединува широка коалиција на спортски, еколошки и граѓански организации, студентски и станбени активисти, синдикати и различни општествени движења. Организаторите тврдат дека подготовките за Олимписките игри го загрозуваат животната средина и дополнително ги оптоваруваат локалните заедници, а воедно ја критикуваат и безбедносната политика на италијанската влада.
Демонстрантите маршираа од центарот на градот и поминаа во близина на Олимпиското село, кое беше под засилено полициско обезбедување. Помала група учесници фрлала пиротехнички средства кон зоната за сместување на спортистите, но без посериозни последици. Судирите ескалираа кога колоната стигна до Пјацале Корвето, каде што поединци ја гаѓаа полицијата со огномет, по што следуваше интервенција на безбедносните сили.
Во меѓувреме, италијанските власти истражуваат и можни саботажи на железничката инфраструктура на северот од земјата. Во Болоња се регистрирани три одделни инциденти, меѓу кои импровизирана експлозивна направа на железничка скретница, пресечени електрични кабли на брзата пруга и пожар во електро-постројка во градот Пезаро.
Министерот за инфраструктура и транспорт Матео Салвини изјави дека постојат сомнежи за „планиран напад“.
„Доколку се потврди дека прекинот на брзата железничка линија е резултат на планиран напад, тогаш може да се каже дека некој ѝ посакува зло на Италија“, изјави Салвини.
Зимските олимписки игри 2026 официјално беа отворени во петокот со свечена церемонија на стадионот Сан Сиро во Милано, со настапи на познати уметници и промоција на италијанската култура.
Извор: CNN / Associated Press
