Претставниците на Синдикатот побараа достоинствени услови за работа, транспарентно и професионално управување со институциите, ослободување од партиски притисоци, стратегија за развој на културата и нов Закон за култура во чија изработка ќе учествуваат и културните работници.
Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, информираше дека институциите добиле нови насоки за пресметка на плата од Министерството за култура и туризам, кои ги укинуваат досегашните упатства базирани на Колективниот договор за култура и Општиот колективен договор.
„Тоа значи дека досегашните насоки каде што беше пресметана платата согласно колективните договори, поточно колективниот договор за култура и општиот колективен договор, не важат, туку сега се дадени нови насоки каде што на некаков поинаков начин се пресметуваат тие 10 проценти, согласно општиот колективен договор,“ рече Атанасовска.
Според неа, институциите сè уште не постапуваат по новите насоки, бидејќи немаат доволно јасност. Таа додаде дека очекуваат појаснувања до крајот на денот, со надеж дека платата за март ќе биде исплатена пред 1 Мај.

На протестот, таа ги повтори клучните барања на СКРМ:
„Денеска на оваа отворена протестна седница на Советот на СКРМ во проширен состав бараме да се почитуваат колективните договори и законите. Бараме достоинствени услови за работа и достоинствен однос кон народот којшто е дел од самата култура како величие. Бараме транспарентност и професионално управување со културните институции, ослободени од партиска контрола. Бараме стратегија за развој на културата и Закон за култура со учество на културните работници во нивно изготвување. Бараме соодветни унапредувања на вработените и валоризација на стручните звања. Бараме крај на понижувањето! Културата нема да молчи! Ние сме гласот што не можете да го заглушите.“
Таа оцени дека непочитувањето на колективните договори претставува непочитување на човекот.
„Овој протест е израз на срушена надеж од политиките на ‘анархија, презир и безумие’ кои предизвикуваат гнев насекаде,“ рече таа, критикувајќи го министерот за култура.
„Одложената примена од седум месеци на членот 65 за платите во културата од КД, притисокот по тие месеци повторно да се откажеме од платата, двомесечното неисплаќање на плата и здравствено осигурување во време на пандемија, континуираното прекршување на одредбите од Колективниот договор од страна на институциите и непочитувањето на заклучоците на Комисијата за следење на примената и толкување на колективниот договор, не беше проблем. Ама затоа почитувањето на Колективниот договор за култура кој предвидел усогласување на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард е проблем. И сега имаме ситуација на потпишан, признат и уставно потврден Колективен договор, преќутно меѓусебе, зад затворени врати, да се прогласува, де за ‘неуставен’, де за ‘незаконски’.“
Атанасовска предупреди дека тоа не е само административна измама:
„Тоа е правно и морално предавство. Ова не е техничко прашање – ова е удар врз достоинството на секој вработен во културата. Непочитување на колективниот договор е непочитување на човекот.“
Таа додаде дека секој што дејствува против социјалната држава ги поткопува работничките права и го урива системот на праведност, солидарност и еднаквост:
„Не заборавајте дека политичкото влијание ги гуши културните институции поставувајќи веќе однапред политички договорени директори и го иститснува секој што мисли слободно. А кога државата ќе се сврти против културата, таа се врти против самата себе.“

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, на протестниот совет изрази поддршка:
„Сојузот на синдикатите на Македонија дава целосна и безрезервна поддршка на СКРМ и на културните работници. Мене ми е жал што министерот до вчера стоеше рамо до рамо со вас, како работник, меѓутоа како министер со 79 проценти зголемена плата се бори против вашите плати предвидени според колективните договори, што сметам лично дека е срамно.“
Трендафилов посочи дека проблемот со неисплатени плати не ги засега само културните работници:
„Денеска не се без плата само културните работници, голем дел од колегите и колешки во јавниот и приватниот сектор се исто така без плата.“
Тој ги повика културните работници да се приклучат на протестот на 1 мај:
„Ве повикувам на 1 мај да ни се придружите. Дојдовме 300 луѓе пред три недели на протест. Се исплашија. Денеска сме 3 илјади. Уште повеќе се плашат. Им кажавме дека ќе дојдеме и 30 илјади. Тоа што го прават е не бројат, наместо да ни платат плата. Почитуван министер, луѓето очекуваат платата да им се исплати согласно колективниот договор уште денес. Доколку не, ако не го направите вие тоа, ќе го направи некој следен министер.“