Протест на родителите на загинатите од Кочани: Ги пуштивте убијците за празникот дома, а ние празникот ќе го дочекаме на гробишта

Семејствата на младите кои загинаа во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ повторно излегоа на улиците на Кочани, револтирани од бавната и, според нив, селективна истрага. На денешниот протест под мотото „Задоцнета реакција“, родителите испратија силни и емотивни пораки до институциите и јавноста.

„До кога планирате да ја одолговлекувате истрагата? Зошто ги пуштивте убијците на нашите деца? Ги пуштивте, бидејќи сте корумпирани. Да го дочекаат празникот со нивните семејства. А знаете ли каде ние ќе го дочекаме празникот? Не знаете? Еве ќе ви кажеме. Доручек, ручек, вечера на гробишта. Дали нашите ангели го заслужија тоа?“ – порача мајката на еден од загинатите, ди-џеј кој настапувал во „Пулс“.

Протестниот марш започна од Паркот на револуцијата, продолжи низ централните улици и заврши пред зградата на Основното јавно обвинителство во Кочани. Родителите носеа фотографии од децата и транспаренти со пораки како „Стоп за селективна правда“ и „Корумпираниот систем ни ги уби децата“.

Со солзи во очите, родителите споделија кои биле младите кои ги изгубија – фудбалери, програмери, студенти, бербери, млади луѓе со соништа и добри срца.

„Сите си имаа занает и ги воспитувавме добро. Ова е детето што се обидуваше да го изгаси пожарот. Сите беа деца со душа“, посочија тие.

Пред зградата на Општина Кочани, родителите најавија дека ќе ја следат секоја постапка на инспекциските служби. На протестот се приклучи и новоизбраниот в.д. градоначалник Венко Крстевски, кој изјави:

„Правда мора да има, одговорност мора да има. Општината е осакатена но ќе ја издигнеме. Тука сме во ваша служба. Системот генерира несреќи 30 години, но ние мора да го смениме системот“.

Ова е трет протест организиран од семејствата на загинатите, а тие најавија дека нема да престанат додека не добијат одговори и – правда за своите деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни