Вработените во „Флораком“ и „Луна“ го блокираа булеварот „Илинденска“ и побараа исплата на заостанатите плати пред преземање на порадикални мерки. Станува збор за фирми-ќерки на претпријатието „Паркови и зеленило“, таканаречени друштва со ограничена одговорност. Претседателот на синдикатот на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски изјави дека барањата за средба со раководството на претпријатието не вродиле со плод и повторно наидуваат на игнорантски однос. Вели дека и покрај тоа што пред десет дена на Советот на Град Скопје беа изгласани субвенции за ,,Паркови и зеленило“, во висина од 80 милиони денари, очекувале дека ќе бидат исплатени двете плати, меѓутоа вработените повторно останале без плата.
Синдикатот на СУТКОЗ информираше дека работниците немаат добиено плата и се оставени без здравствено осигурување. Оттаму, со блокирањето на „Илинденска“ тие изразија револт кон и предупредија дека неисплаќањето на платите ќе придонесе, членовите повторно да излезат на протест и да ги побараат своите права што ќе трае додека не ги добијат своите примања. Исполнувањето на обврските од претпријатието ќе придонесе да се избегнат нови протести. Од Синдикатот бараат редовна исплата на месечните примања, исплата на регресот за 2022, 2023 и 2024 година.
Голем број на вработени во претпријатието кои се онколошки случаи и хронично болни, во моментов се оставени без финансиски средства за нивната здравствена состојба. Претходно беше одржан уште еден протест на кој беше ветено дека исплатата на месечните примања ќе биде во ист термин со вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ но сепак тоа не се случи.