Протекоа доверливи документи: Германија планира зголемување на војската за 100.000 војници

Доверливи документи откриваат дека Германија мора да ја зголеми армијата за 100.000 војници до 2035 година за да ги исполни новите цели на НАТО. Стравувањата од можна руска агресија растат.

Германската армија, Бундесвер, би требало да го зголеми бројот на активни војници од сегашните 62.000 на околу 160.000, според доверлив документ во кој увид имал новинскиот гигант Reuters.

Во писмо од 2 септември 2025 година, началникот на германската армија, Алфонс Мајс, предупредува дека постоечките кадарски капацитети не се доволни за исполнување на новите безбедносни обврски на Германија кон НАТО. Според него, армијата мора да биде „спремна за војна“ до 2029 година и да ги исполни сите обврски кон Алијансата до 2035 година.

Освен тоа, Мајс проценува дека ќе бидат потребни уште 45.000 активни војници до 2029 година, а вкупно околу 100.000 нови војници (вклучувајќи и резервисти) до 2035 година – вклучително и 10.000 војници за територијална одбрана.

Германија веќе ги зголемува своите воени ангажмани на истокот на Европа, со стационирање на околу 5000 војници во Литванија и активирање поморски патроли во Балтикот, со цел спречување подводни саботажи.

„Сојузот (НАТО) очекува дека Русија ќе има капацитет за напад од големи размери врз западните земји до 2029 година“, се вели во документот.

Воена реалност и предизвици

Министерството за одбрана на Германија засега одбива да го коментира документот поради неговата доверлива природа. Сепак, бројките покажуваат дека Германија заостанува зад сопствените цели – поставената бројка од 203.000 војници (од 2018) сè уште не е достигната. Моментално, според податоците, недостигаат околу 20.000 професионални војници.

Новите планови доаѓаат како реакција на зголемената закана од Русија, особено по инвазијата врз Украина во 2022 година. НАТО ги ревидираше своите безбедносни стратегии, со фокус на засилување на источниот фронт и создавање реални борбени резерви за евентуален конфликт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни