Корчагинци се простуваат од професорката Фросина Митрушева

Математичарка која им ја даруваше филозофијата на животот на генерации ученици.

Почина Фросина Митрушева – професорката по математика која остави неизбришлива трага во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ и во животите на стотици млади луѓе. Тивка во својот интегритет, но гласна кога стануваше збор за неправда, Митрушева беше повеќе од наставник: беше пример, поддршка, воспитувач, патоказ и, за многумина, втор родител.

Години наназад, генерации ученици зборуваа за неа како за професорка која ја предава математика со логика, одговорност и строгост – но и како за човек кој дарува филозофија на животот. Нема ученик кој не се сеќава на нејзината исклучителна појава: стилска, препознатлива, со уште попрепознатлива енергија која ја исполнуваше целата училница.

„Професорка која и без да каже, се гледаше дека ја сака својата работа.“ Ова е реченица што денес ја повторуваат сите кои ја познаваа. Во 38 години работа, од кои 33 поминати во Корчагин, таа создаде култура на почит, ред, љубопитност и интелектуална љубов кон знаењето.

Пред седум години, при приемот на титулата „Корчагинска просветителка 2018“ во Македонската филхармонија, Митрушева рече: „Имав среќа во животот како ретко кој – да го работам тоа што го сакам и да го сакам тоа што го работам. Тоа им го посакувам на сите мои деца.“

Во тие нејзини „деца“ има инженери, архитекти, професори, уметници, лекари, новинари – луѓе кои секој ден го носат споменот на нејзината строгост, добрина и правичност.

Во последните две децении Митрушева беше и важен општествен глас. Отворено говореше за проблемите во образованието, за ерозијата во квалитетот, за нужноста од реформи и за тежината што ја носи професорската професија и надвор од училницата. Меѓу нејзините последни јавни реакции беше укажувањето на сериозна грешка во нов учебник по математика – пример кој стана симбол за нејзината посветеност во заштита на знаењето.

Таа покажуваше дека професорите не се тука само за часови – туку за оформување личности во нивниот најкритичен период, како општествени и професионални примери. Со своето однесување им порача дека професијата носи тежина и надвор од училницата, дека вистинските професори ја градат иднината и кога формално не држат час.

Корчагинци денес се простуваат со неа – тивко, достоинствено, со огромна благодарност.

Професорката Фросина Митрушева останува фигура која не се заборава, пример дека наставникот може да биде светлина што трае цел живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни