Проектот „Простори на конјункција – Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија“, во организација на Националната галерија на Северна Македонија, на 16 декември 2025 година, во 19 часот, ќе биде отворен во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб. Со оваа изложба се заокружува меѓународната презентација на проектот, кој претходно беше прикажан во Софија, Белград и Истанбул.
На отворањето ќе се обратат директорката на Културно-информативниот центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, и директорот на Националната галерија, Али Синани, кои ќе ја воведат публиката во концептот на проектот и ќе ги претстават авторите вклучени во оваа уметничка компилација. Учесници во изложбата се Роберт Јанкулоски, Велимир Жерновски, Моника Мотеска, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели и Марија Сотировска.
Изложбата „Простори на конјункција“ ја разгледува уметноста како динамичен и чувствителен простор во кој личните, интимни фрагменти влегуваат во дијалог со колективната меморија и културните матрици. Проектот се движи по тенката линија меѓу индивидуалното искуство и големите историски и општествени наративи, повикувајќи се на концептот на Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“.
Преку графика, цртеж, фотографија, видео, објект и колаж, уметниците не само што раскажуваат визуелни приказни, туку создаваат сложени мултимедијални структури во кои секој медиум функционира како посебен канал на поврзување. Разновидноста на уметничките техники не е само формален избор, туку свесна стратегија за премостување на личното и колективното, на индивидуалното сеќавање и заедничката историја.
„Простори на конјункција (спојување)“ се дефинира како повеќеслојна уметничка мрежа која бара активен гледач и коавторство. Посетителот не е само набљудувач, туку станува дел од процесот на значење, влегувајќи во однос со фрагментите – распарчени траги на интимното, архивирани во материјали што постојано се стремат кон нови форми на целина и смисла.
Изложбата во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Загреб ќе биде поставена до крајот на 2025 година.
