Скопје како најголем и неформално главен град во тогашната Јужна Бановина која била во склоп на Србија не бил само град како што овде се постираат слики само од стариот Бит Пазар и разни рурални маала со куќи керпеџици и клозети со ѓериси одалечени 5-6 метри од куќите во дворовите од тоа време, туку како секој поголем град во денешниот центален дел на Скопје со убави зданија на приватни куќи и кафани, како што биле најпознатата МАРГЕР на самиот плоштад. Во попладневните часови кога затворале дуќаните, многу скопски “повруќи“семејства доаѓале во кафеаната на вечера. Во ноќните часови кафеаната “Маргер” се менувала во боемска кафеана, а посетители биле уметниците, на градот. Кафеаната била место за уметнички и книжевни разговори, како што беше “Клуб на уметници“ на Јоле и Почу, главното врталиште на оваа фела на луѓе до пред 35 години наназад во Скопје. Покрај МАРГЕР во тоа време познати другии кафани биле “Метропол“, “Зрински“, Аполо , МОСКВА гостилницата во склоп на хотелот со истото име МОСКВА на денешната локација на ТЕХНОМЕТАЛ-ВАРДАР наспроти хотел Турист.
Но покрај овие познати кафани, особено АПОЛО каде се собирала скопската елита и се одржувале балови и концерти на врвни уметници, Скопје ја имало и својата Dark side of the moon ( Темната страна на месечината), односно ноќната проституција, ноќните комари (коцкања) во разни биртии и скришно позајмени соби во некоја куќа.
Подолу ќе цитирам еден дел од текстовите на познатиот хроничар на Скопје, Данило Коцевски каде ќе напише за една позната улица во Скопје каде се одвивала проституцијата:“… Тогашните имиња на кафеаните и на борделите во улицата создавале впечаток како да се движите низ некој чудесен крај кој ви ја разгорува фантазијата:„Империјал”, „Америка”, „Шангај”, „Бела лаѓа”, „Океан”, „Босфор”, „Марс”, „Златен паун”, „Брзиот воз”. Самото име „Брзиот воз“ укажува на податокот дека улицата се наоѓала во близина на Железничката станица кадешто бил најприсутен најстариот занает на светот.
Од кафеаните, во таа славна улица на девојките одекнувала најразлична музика со тогаш популарните песни „Бате, ле бате,Стојане”, „Црвен фесиќ, јој, мамице”, а особено „Ајде слушај, слушај, калеш бре, Анѓо”. Песната и танците, всушност, биле предигра за сето она што потоа следувало во собите на тие ноќни локали или надвор од нив. Еден од најпознатите бордели на таа улица на сексуалните работнички бил со романтично име „Венеција”. Нишањето на гондолата симболично го означувало еротскиот и сексуалниот копнеж и таа поетска кованица често била употребувана. Поранешното име на овој ноќен локал бил „Каиро”, а потоа бил преименуванво „Венеција”. Гостите лудувале по двете танчарки кои настапувале секоја вечер, а со кои започнувало нишањето на гондолите. Нивните имиња биле Стела и Роза, а се разбира, нивниот изглед бил многу поважен од имињата. Посебно привлекувал заводливиот танц кој го изведувале. Биле облечени во зелена, проѕирна свила, под која се оцртувале сите детали на нивните раскошни тела. Страсно и занесно се извиткувале во играта, заведувајќи ги присутните гости.
Навечер, веднаш по 19 часот, Скопје знаело да замириса на велеградска кал. Во тие часови, ноќните работнички и работници започнувале да излегуваат и градот наликувал на Шангај, Бомбај или на Буенос Аирес….. “ (крај на цитатот)
И како во некој возбудлив и живописен роман,неколку стотини жени во тие мигови започнуваат да ги облекуваат своите најубави здолништа. Морало се да биде подготвено за ноќната забава и за клиентите.
Како се подготвувале дамите на ноќта во тие мигови? Постои дури и таков запис.
Најпрвин, со кармин и со пудра ги мачкале нивните восочни лица, а во уста си прскале колонска вода. Карминот, пудрата, колонската вода ги правеле уште повеќе посакувани. Понекогаш, дури и евтината пудра и механичката насмевка успевале да го привлечат вниманието на муштериите што првпат доаѓале или биле нивни редовни гости.
На пониската класа, односно на клиентелата на исто така пониската класа на “пријателките на ноќта“ главно врталиште им била гостилницата на хотелот МОСКВА, нешто слично како БРИСТОЛ до почетокот на 80ите години.
Но со проституцијата Скопје го имал и порокот и за коцкање како што напишав во погорните редови, а што е многу повеќе зачудувачки употребата на хашишот кој скришно преку шверецерски канали се носел од Турција за сите тие забави во горенаведените кафани и бордели во Скопје.
Значи да заклучиме, Скопје иако тогаш мал град не бил само касаба со керпеџик куќи и сиромаштија, туку го имал и епитетот Skopje by night во триесетите години од минатиот век, но сепак многу далеку од ноќниот живот во тогашните Парис, Берлин. Лондон…….
Автор: Зорив Вироз
Извор:https://www.facebook.com/groups/skopjenashe/permalink/2817244748417776/?sfnsn=mo&ref=share&mibextid=VhDh1V