Мим-коинот $MELANIA, лансиран од Меланија Трамп на 19 јануари, за прв пат падна под 1 долар, што бележи драматичен пад од 93% од својот врв од 13,73 долари. Првично продаден како токен за дигиталните колекции наместо како инвестиција, неговата цена вртоглаво порасна за 24.000% за неколку часа, зголемувајќи ја пазарна вредност над 2 милијарди долари.
Сепак, аналитичарите на блокчејн сега сугерираат дека тоа не е ништо повеќе од класична крипто измама.
Мим-коините се разликуваат од традиционалните криптовалути како Биткоин. Тие често се засноваат на интернет шеги, вирални трендови или имиња на славни личности, а не за да се користат во реалниот свет. Нивната вредност е водена чисто од возбуда, што ги прави многу нестабилни и склони кон измами. Најчестите измами вклучуваат:
„Pump & Dump“ – Инсајдерите вештачки ја надувуваат цената, а потоа продаваат на врвот, оставајќи ги обичните инвеститори со безвредни коини.
„Rug Pull“ – Програмерите го напуштаат проектот откако ќе профитираат, предизвикувајќи пад на коинот.
„Sniping“ – Ботови купуваат евтини коини веднаш при лансирањето, дозволувајќи им на инсајдерите да го контролираат најголемиот дел од понудата.
Набргу по лансирањето, експертите за блокчејн забележаа сомнителна активност за мим-коинот на Меланија. Почетната понуда од 200 милиони токени се зголеми повеќе од двојно на 537 милиони во рок од неколку дена, разводнувајќи ја вредноста на инвеститорите.
Поголемиот дел од коините останаа кај тие кои ја лансираа валутата, ограничувајќи ја јавната достапност и вештачки зголемувајќи ја побарувачката.
Трансакциите го поврзаа креаторот на $MELANIA со развивачите на друг коин користен во измама, $LIBRA, промовиран од аргентинскиот претседател Хавиер Милеи.
Bubblemaps, компанија за аналитика на блокчејн, откри дека истиот крипто-паричник профитирал од двата токена, заработувајќи милиони преку инсајдерското тргување. Се појави истиот образец: брз пораст на цените, инсајдерите кои заработуваат и неизбежен крах што ги остави обичните инвеститори со огромни загуби.
Скандалот предизвика споредби со аргентинската „Криптогејт“, во која претседателот Милеи ја промовираше $LIBRA пред нејзиниот колапс. Во САД, повиците за истраги растат. Сенаторката Елизабет Ворен и претставникот Џејк Очинклос ги повикаа федералните агенции да ја испитаат потенцијалната манипулација на пазарот.
Етичките експерти предупредуваат на сериозни конфликти на интереси. Поранешниот адвокат за етика во Белата куќа, Норм Ајзен, лансирањето на мим-коинот го нарече „еден од најлошите конфликти на интереси во модерната претседателска историја“, додека финансиските аналитичари го означија како „Понзи шема преправена како шега“.
Падот на $MELANIA е уште еден потсетник дека мим-коините, особено оние поврзани со познати личности, честопати не се ништо повеќе од дигитално коцкање. Инсајдерите секогаш победуваат, додека јавноста останува да држи безвредни токени. Бидејќи крипто-пазарите остануваат главно нерегулирани, инвеститорите треба да бидат претпазливи за токените кои ветуваат брзо богатство – бидејќи тие обично завршуваат со катастрофа.