Италијанската енергетска компанија Eni објави дека открила ново големо наоѓалиште на природен гас и кондензат во Средоземното Море, во близина на брегот на Египет. Откритието е направено по успешно завршената истражна бушотина „Denise W-1“, во рамки на концесијата Темсах.
Според прелиминарните проценки, на оваа локација се наоѓаат околу 57 милијарди кубни метри гас, како и приближно 130 милиони барели кондензат, пренесува Reuters.
Ова откритие доаѓа во чувствителен момент за Египет, чија домашна продукција на гас опаѓа во последните години. Земјата воедно се соочува и со енергетски притисоци поврзани со конфликтот со Иран, бидејќи во голема мера зависи од увоз на гориво. Наоѓалиштето се наоѓа на околу 70 километри од брегот, на релативно мала морска длабочина, и во близина на постоечка инфраструктура – што овозможува побрз и поефикасен развој на проектот.
Истражната бушотина е реализирана откако во 2025 година беше потпишан договор со египетските власти за продолжување на концесијата Темсах за уште 20 години. Компанијата Ени управува со проектот со удел од 50 проценти, заедно со BP, додека операциите се спроведуваат преку заедничкото претпријатие „Petrobel“, во партнерство со државната нафтена компанија на Египет.