Телото на четвртиот американски војник е пронајдено во близина на Пабраде, во областа Швенчионис, соопшти денеска американската команда за Европа и Африка, пишува литванскиот медиум ЛРТ.
„Четвртиот американски војник беше пронајден мртов во близина на Пабраде, Литванија на 1 април“, се наведува во соопштението објавено денеска на социјалната мрежа Фејсбук.
„Пред сè, изразуваме сочувство до семејствата на нашите војници“, рече генералот Кристофер Донаху, командант на американските сили во Европа и Африка.

„Не можам доволно да се заблагодарам на поддршката што ја добивме од нашите сојузници во Литванија. Се потпревме на нив, а тие, заедно со нашите полски и естонски сојузници, како и нашите морнари, воздухопловци и инженери, ни помогнаа да ги најдеме и да ги вратиме нашите војници дома. Ова е трагичен настан, но потврдува што значи да се има сојузници и пријатели“.
По смртта на четвртиот војник од американскиот контингент распореден во Литванија, раководството на Националниот одбранбен систем изрази длабоко сочувство до неговото семејство.
Според соопштението на литванската армија, семејството на војникот е информирано за неговата смрт. Сочувство изразија и литванскиот претседател Гитанас Науседа и премиерот Гинтаутас Палукас.
Тројца од четворицата американски војници кои исчезнаа на воен полигон беа пронајдени мртви вчера откако нивниот оклопен М88 Херкулес беше извлечен од мочуриште.
Четворица американски војници кои патувале со ова оклопно возило исчезнале минатиот вторник за време на воена вежба на полигонот. Акцијата за пребарување и спасување траеше една недела. Во него учествуваа литвански и американски војници, како и полски и естонски офицери и цивили.