Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ вчера ја промовираше книгата „Особености на граматичката категорија преодност на глаголите во македонскиот јазик“ од проф. д-р Људмил Спасов, како дел од едицијата „Посебни изданија“. Ова научно дело е засновано на неговата докторска дисертација, одбранета во 1982 година на Филолошкиот факултет.
Книгата беше промовирана од проф. д-р Искра Паповска-Димкова и проф. д-р Лидија Аризанковска, а за научниот и наставниот придонес на проф. Спасов зборуваше директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска. Спасов е истакнат научник со долгогодишна академска кариера, со голем број објавени трудови, учества на меѓународни конференции и значаен придонес во изучувањето на македонскиот јазик.