Публицистите д-р Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски ја промовираа својата книга „Писма на Љубомир Милетич до Афанасиј М. Селишчев (историја на една мистификација)“. Станува збор за публикација во која авторите велат дека се открива фалсификат на книга поврзана со македонскиот јазик.
Тие во книгата објавуваат писма кои ги разменувале претседателот на Бугарската академија и ректор на софискиот универзитет Љубомир Милетич и рускиот славист Афанасиј Метвеевич Селишчев што резултирала со промена на дело на рускиот автор што потоа бугарската академија го користи како лажен доказ дека Македонците зборуваат бугарски јазик.
Книгата „Есеи за македонската дијалектологија, том 2“ од 1918 година на Афанасиј М. Селишчев, според авторите, по налог на бугарската академија повторно се издава во 1929 година под насловот „Полог и неговото бугарско население“.
„Не само што е сменет самиот наслов, туку е направена целосна промена на термините внатре во книгата и македонските дијалекти стануваат бугарски дијалекти, а македонското население станува бугарско население и се она што суштински, целосно го менува книгата и служи како нарачка која за жал од наша гледна точка е еден голем скандал во научните кругови. Книгата е објавена 1929 година, значи пред 95 години, но еве дојде моментот кога ги откривме и целосно, интегрално ги објавуваме сите писма со целосна анализа на сè што е внатре напишано и она што сушност е конструкт во самата книга“, изјави Бранислав Светозаревиќ.
Рецензенти на книгата се проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, и проф. д-р Михајло Миноски кои се обратија на промоцијата.
„Авторите Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски врз основа на беспрекорната експертиза ја проследуваат хронологијата на сите дезавуирања на македонистичките ставови изложени во делото на Селишчев преку груби фалсификувања кои се надоврзуваат на подметнатите конструкции од страна на Љубомир Милетич, кои се провлекуваат до ден-денес, меѓу другото и во изданието на БАН од 2020 година под наслов: „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“, истакна Пандев.
Проф. д-р Валентина Миронска рече дека оваа публикација е богат архивски материјал.
„Во книгата авторите Светозаревиќ и Јаќоски не само што ни ја разоткриваат историјата на една мистификација, туку во неа ни откриваат и богат архивски материјал за понатамошни проучувања од областа на лингвистиката, историографијата, литературната историја и воопшто на македонската вистина која често била трансформирана во мистификација со цел туѓите интереси да можат да го спроведат нејзино негирање и присвојување“, рече Миронска.
Проф. д-р Михајло Миноски посочи дека со книгата се посочува на поврзаноста на бугарската политика и науката.
„Со ова дело е аргументирано претставена и докажана корумпираноста на бугарската наука и корумпирањето на странски научници за бугарската кауза и нераскинливата спрега на бугарската наука и политика. Со тоа се отвора прашањето генерално за поставеноста на науката, вклучително и за корумпирањето на научниците. Заземените ставови и оценки се аргументирани, поткрепени со факти и докази и посебни прилози“, рече проф. д-р Михајло Миноски.
Авторот Светозаревиќ информираше дека писмата помеѓу Милетич и Селишчев се најдени во еден од руските архиви.