Во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид беше промовирана книгата „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ од приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски.
Промоцијата се случи во рамки на годинешното 35. издание на „Поетска ноќ во Велестово“ во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. На промоцијата свои обраќања имаа авторите, модераторот Јулијана Величковска, а извадоци од делото читаа младите поети Ивана Јовановска, Исток Ј. Улчар, Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Велинова, Емануела Ковачевска Китановска и Јована Стаматовска.
По промоцијата следуваше и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“ со авторите Феликс Шилер (Германија), Шпетим Селмани (Косово), Марија Костиќ (Србија), Албан Туфа (Албанија) како и нашите поети Павлина Атанасова, Виолета Танчева-Златева, Сузана Мицева и Весна Ацевска.
Програмата на „Поетската ноќ во Велестово“ продолжува со настанот „OH READ #2“, во чии рамки ќе се одржи работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади од регионот, како и интернационално поетско читање.
Проектот „OH READ #2“ e поддржан од РЕАД (Регионална мрежа за културна разновидност) и Европската Унија.