Промоција во Њујорк на книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од Сузана Милевска

Во Галеријата MC, во Њујорк, утре (четврток, 7 март) ќе се одржи промоција на книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“  од македонската теоретичарка Сузана Милевска. Книгата е во издание на ЗГ Контрапункт – Скопје во едицијата „Пунктум“.

На промоцијата во Њјујорк, по воведното обраќање на Искра Гешоска, културен теоретичар и издавач, ќе се одржи разговор меѓу авторката на книгата, Сузана Милевска, теоретичар на визуелната култура и куратор од Скопје и Живка Ваљавичарска, вонреден професор на Прат Институтот во Њујорк, по кој ќе следува и одговор од страна на Тијана Ана Спасовска, историчар на уметноста. Артан Садику теоретичар на културата и политиката, ќе го модерира целиот настан кој ќе заврши со отворена сесија за прашања и одговори.

По промоцијата ќе биде отворена изложба на Тадеј Погачар, курирана од Сузана Милевска.

„Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ е избор од петнаесет есеи за партиципациската уметност со фокус на уметноста во Југоисточна и Централна Европа. Милевска ги напишала и објавувала овие текстови на англиски во тек на повеќе од петнаесет години. За првпат, овие есеи се објавуваат заедно во оваа збирка, почнувајќи со првиот есеј напишан на оваа тема во далечната 2006 година. Паралелно со англиското издание, книгата се објавува и на македонски. Сите есеи се преведени на македонски и уредени од Ана Димишковска, декан на Институтот по филозофија и професор по логика и филозофија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Сузана Милевска е теоретичар и куратор за визуелни уметности и култура. Нејзините теориски и кураторски интереси се свртени кон постколонијалната критика на хегемонските режими на моќта во претставувањето, родовите разлики во визуелната култура, и феминистичките, партиципативните и колаборативните уметнички практики.  Милевска била главен истражувач на проектот на Хоризонт во 2020, насловен ТРАГИ на Политехничкиот Универзитет Милано, а во 2019 година ја курирала завршната изложба Спорни објекти/Засрамени субјекти. Во 2013 година, таа била назначена за прв endowment професор за историја на уметностите од Централна и Југоисточна Европа на Уметничката Акдемија во Виена  (2013 – 2015). Милевска има докторат по визуелна култура од Универзитетот Голдсмит Колеџ, Лондон. Во 2004 година била Фулбрајтов стипендист како виш истражувач во Конгресната библиотека во Вашингтон. Таа има курирано бројни меѓународни изложби, го има иницирано проектот Повикај го сведокот- Рома павилјон на Венециското биенале (2010-2011). Нејзините текстови се преведени на бугарски, хрватски, англиски, француски, унгарски, германски, италијански, јапонски, руски, српски, словенечки, шпански, шведски, турски, итн. Таа е автор и уредник на многу книги, меѓу кои: Gender Difference in the Balkans, 2010, The Renaming Machine: The Book, 2010, On Productive Shame, Reconciliation, и Agency, SternbergPress, 2016 година.

Милевска е добитник на наградата „Игор Забел“ за култура и теорија за 2012 година.

Оваа книга е објавена како дел од проектот „Peripheral Visions – towards a trans(l)national publishing culture“, кој си поставува за цел да развие меѓународна размена меѓу малите културни и лингвистички контексти на полуперифериите на Европа со меѓусебна поддршка преку ко-продукции, ко-креации, трансфер на знаења и споделување на ресурси. Преку мултилингвално издаваштво, трансдисциплинирана културна продукција, алтернативна дистрибуција, размена на знаење, дигитални содржини, отворени дигитални технологии, и нови формати на игри, проектот создава меѓународен простор за создавање и експериментирање во издавачкиот процес. Peripheral Visions е заеднички проект на Културтрегер, Маска од Љубљана, eipcp – European Institute for Progressive Cultural Policies, kuda.org, Контрапункт и Мултимедијалниот Институт со здружените партнери Kulturföreningen Glänta и EUROZINE.

Македонското издание ќе биде промовирано во Скопје во организација на КРИК -фестивал за критичка култура.

Изданието е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата Креативна Европа на Европската комисија, финансирана од Европската унија. Гледиштата и мислењата што се изразени во книгата се само на авторот(ите) и не нужно ги одразуваат оние на Европската унија или на Европската агенција за образование и (EACEA). Ниту Европската унија ниту доделувачот на грантот не можат да се сметаат за одговорни за нив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни