Промоција на стихозбирката „Доаѓањето на музиката“ од Стефан Костоски во Охрид

Оваа сабота во 18.30, издавачката куќа ПНВ Публикации ќе ја промовира новата стихозбирката на авторот Стефан Костоски. Промоторка на изданието ќе биде македонската авторка, преведувачка и уредувачка Јулијана Величковска. Стихозбирката е издадена во рамки на едицијата „Гравири“ на ПНВ Публикации, со поддршка на Министерството за култура и туризам

Оваа сабота во 18.30, издавачката куќа ПНВ Публикации ќе ја промовира новата стихозбирката на авторот Стефан Костоски. Промоторка на изданието ќе биде македонската авторка, преведувачка и уредничка Јулијана Величковска.

Стихозбирката е издадена во рамки на едицијата „Гравири“ на ПНВ Публикации, со поддршка на Министерството за култура и туризам.

,,Лирската реторика на оваа извонредна поетска книга поседува богата и разновидна лепеза меланхолични и емотивни искази. Поетот пишува стихови ослободени од излишни значења сведувајќи го поетскиот исказ и слика на најчиста лирска форма, на чиста поетска логика до најпрефинети душевни треперења, и низ низа нијансирани детали го истакнува суштинското во неговото поетско разбирање на животот и светот. Колку моќно делуваат следните ситхувани фрагменти: „Сакам да пишувам песна /додека сонцето изгрева над планините. // И песната треба да изгрева како тоа сонце“. Или: „Дете паѓа во водата – израснува цвет. / Прашува: ‘Што е водата’? ‒ / и продолжува да расте до небото.“ Примерите се бројни.
Станува збор за автентичен поетски глас што надоаѓа со оформен и јасен творечки капацитет. Креативната и сложена едноставност во поезијата на Стефан Костоски ја покажува и неговата јазична способност да помислиме дека така „лесно“ се доаѓа до таинственото, неспознајното, чувственото, но и реалното.” ‒ Славе Ѓорѓо Димоски.

Стефан Костоски (1991, Охрид) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје.
Автор е на стихозбирките „Гирланда“ (2020, Современост) и „Доаѓањето на музиката“ (2025, ПНВ Публикации).

Негови песни и есеи се објавени во неколку периоднични списанија. Учествувал на поетски читања на „Струшките вечери на поезијата“, на „Поетска ноќ во Велестово“ и на Скопскиот поетски фестивал, како и на „Добри гости“ во Штип. Застапен е во антологијата „Ново раѓање на зборот: Антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски (ПНВ Публикации, 2023), како и во „Метрички карван Гевгелија ‒ Охрид“.
Добитник е на наградата „Енхалон“ за 2023 година што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни