Во недела (14.9) ќе се одржи промоцијата на дебитантската збирка поезија „Антисвет“ од Ана Тодоровска, во издание на издавачката куќа Илика. Промоцијата ќе се одвива во рамки на 9. издание на мултимедијалниот фестивал „АртАреа/Артерија“ во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток од 19:00 часот. За стихозбирката ќе разговараат авторката и Марија Велинова.
Тодоровска постојано балансира меѓу лиризмот и апелативноста, позиционирајќи се себеси некаде помеѓу крајностите, односно зафаќајќи место на еден постојан набљудувач кого можеби не го интересираат крајните одговори, но несомнено го интересира потрагата по нив. Преку песните се истражуваат внатрешното поврзување со себе и односите со околината и градот, притоа завршувајќи катарзично. „Антисвет“ ги потенцира антисветовните одлики на секојдневјето како и сите проблеми, прашања и препреки со кои се соочува лирскиот субјект живеејќи во него, притоа обидувајќи се да ги разреши.
Ана Тодоровска (1993, Скопје) е дипломирана психологинка, визуелна уметничка и поетеса. Во 2017 година дипломира на Институтот за психологија при Филозофскиот Факултет во Скопје, а во 2019 ја завршува Академијата за визуелни уметности при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ и Seavus. Во 2022 година завршува едукација за Експресивна арт терапија во Белград. Последните 5 години работи интердисциплинарно, комбинирајќи ги психологијата и уметностите во функција на личниот развој и самоистражувањето. Преку својот проект „МРАК“ од 2016 година до денес работи интердисциплинарно истражувајќи аналоген и дигитален колаж, асемблаж, употреба на рециклирани материјали, редактирана поезија и границата меѓу вербалниот и невербален израз.