Промоција на “young adult” романот „Денови на Блуграс-љубов“ од холандскиот автор Едвард ван де Вендел и разговор со него – на 28 мај, во 20 часот, во „Буква“. Разговорот со авторот и со преведувачката на делото Ели Пујовска ќе го води Ана Јовковска.
Промоцијата ќе се одржи во рамки на OFF-програмата на „YES ФЕСТИВАЛ“.
„Денови на Блуграс-љубов“ е нежна, интензивна и незаборавна приказна за првата љубов.
Тихо Зелинг живее обичен живот, без грижи и тешкотии, без возбуди и авантури. Сѐ во него − школото, другарите, девојките, плановите за иднината − едноставно… се случува. Како филм кој го пушта да тече, но не го режира.
Затоа и решава да промени нешто. Лета за Америка за да го помине летото како помлад асистент во меѓународен летен камп за деца. Таму го сретнува Оливер, уште еден асистент од Норвешка.
И тогаш Тихо ќе почувствува како животот да му запрел и како одново да почнува, овој пат онаков каков што тој би сакал да биде.
„Денови на Блуграс-љубов“ е првпат издадена во Холандија во 1999 година и оттогаш доживува преводи на многу јазици и ревидирано издание. Како роман за млади кој веќе се смета за европски класик, но истовремено револуционерен − поместувајќи ги границите и рушејќи ги табуата − сега првпат е достапен и за македонската читателска публика.
Во поговорот кон македонското издание на „Денови на Блуграс-љубов“, Едвард ван де Вендел пишува:
„Копнеев по книга која интимно ќе ја опише страсната љубов помеѓу две момчиња. Дотогаш – ако воопшто и можев да ги најдам – квир книгите што ги читав беа пред сѐ трагични: смртта и тагата никогаш не беа далеку од љубовта во нив. Па затоа имав желба да напишам книга која и самиот би сакал да сум можел да ја прочитам петнаесет години порано, книга факел, книга во која многу нешта би можеле да бидат доведени во прашање, но не и самата љубов. Не и страста.“
„Овој извонреден роман е прекрасно напишан („неколку ѕвезди тука и таму, расфрлан сјај во нечија коса“), со соодветно расположение и тон, како и незаборавни ликови кои ја претвораат приказната во богато изведена вежба по емпатија. Првпат објавена во Холандија, оваа книга стана класик во Европа. Апсолутно треба да стане тоа и овде.“
– Booklist
„Пишувањето на холандскиот автор ван де Вендел е поетично, длабоко емотивно и чувствително филозофско … Една трајна приказна исполнета со симпатични ликови.“
– Kirkus Reviews
„Холандскиот автор ван де Вендел создава чувствителен приказ на сексуалното будење и првата квир љубов.“
– Publishers Weekly
Холандскиот автор Едвард ван де Вендел (роден 1964) е плоден и разноврсен книжевен творец: романи за млади, детски приказни, песни, публицистика, поезија, сликовници, преводи… тој сѐ умее. Тој е и општествено ангажиран и со своите дела им се обраќа на читателите со топлина, без притоа да ја жртвува книжевната вредност на делото. Низ неговото разнолико творештво се провлекуваат важните животни прашања со кои се соочуваат неговите ликови додека се обидуваат да си го најдат своето место во светот. Меѓу многубројните награди што ги има добиено се вбројуваат Deutscher Jugendliteraturpreis и наградата Woutertje Pieterse. Неколку пати бил номиниран за Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ и за наградата „Ханс Кристијан Андерсен“. Неговите книги се преведени на повеќе од дваесет и пет светски јазици.
Објавувањето на романот „Денови на Блуграс-љубов“ и гостувањето на авторот Едвард ван де Вендел во рамки на проектот „YES – Млади Европски приказни“, е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и од Холандската фондација за литература.