Првиот роман на современата македонска писателка Румена Бужаровска ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие.
„ТОНИ“, во издание на ТРИ, ќе биде промовиран на 4.12. (среда) во „Јавна соба“, со почеток од 20 часот. Со книжевниот лик кој ќе сакате да го замразите ќе нè запознаат промоторите – поетесата, основачка и главна уредничка на „Медуза“, Калиа Димитрова, и македонскиот писател Петар Андоновски.
Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и „работи“ во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него.
Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода. Наместо да ги храни своите лични односи со емпатија, почнува паразитски да нагризува од емпатијата и љубовта на луѓето кои се грижат за него. И полека тоне. Но дури ни тоа не го освестува за да стане подобар рокер и подобар човек.
Тони тоне, удолу го влече товарот на неговиот лежерен став кон животот, недостигот на сопствен интегритет и живеењето на стара слава, која исто така е под знак прашалник.
Заедно со него, тонат и луѓето во неговиот живот, жртви на готованството на Тони, кој воопшто не е свесен за влијанието врз загубите што ги предизвикува. Како вистински лав во подзнак, а и во душата. Впрочем, реалноста е секогаш пошокантна од тоа што го пишува во книгите. И банално комична