Промоција на монодрамата „Мачката Елеонора“ од Карен Јес во Центар-Јадро

„Така е, немам опашка, а имам стапала и говор, тоа е точно. Тоа не е доказ за постоењето како човек“, му вели Елеонора Гарацо на својот терапевт Гералд Вилдбрух и решава дека од денес натаму: таа е мачка.

Издавачката куќа „Илика“ во соработка со Здружението за германско-македонска соработка и развој и Гете институт Скопје организираат промоција на монодрамата „Мачката Елеонора“ на германската авторка Карен Јес в петок 25.10. во 20 часот во просториите на Центар-Јадро.

Низ разговорот со авторката ќе се обидеме да му се приближиме на овој современ драмски текст враќајќи се наназад кон процесот на неговото создавање, применетите драмски постапки, како и кон изборот на авторката да претстави еден специфичен вид на идентитетска трансформација.

„Така е, немам опашка, а имам стапала и говор, тоа е точно. Тоа не е доказ за постоењето како човек“, му вели Елеонора Гарацо на својот терапевт Гералд Вилдбрух и решава дека од денес натаму: таа е мачка.

Монодрамата „Мачката Елеонора“ на Карен Јес е преплетена со слични остроумни реплики, поетично опишани сензации и протестни императиви со кои агентката за недвижнини Елеонора Гарацо конечно ја повлекува линијата помеѓу себе и светот, одлучувајќи се да живее во осаменоста на нејзиниот дом и градина. Кохезијата од прашања поврзани со трудот и работата, родовиот идентитет како и одржливоста и конзумеризмот во „Мачката Елеонора“ нѐ канат да ги преиспитаме сопствените позиции и влеваат храброст кај читателите преку претставениот чин на радикално отфрлање на реалноста.

Разговорот со авторката ќе го води преведувачката на монодрамата Катерина Шекутковска и ќе биде консекутивно преведуван од германски на македонски јазик.

,,Оние коишто сакаат да ни се придружат на продлабочен разговор за книгата, ги покануваме да се пријават за средбата помеѓу читателите/ките и авторката која ќе се одржи на 26.10. (сабота) во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, велат организаторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни