Во Лабораториум на 30 октомври во 18 часот ќе се одржи промоција на „Глувчето што сакаше да чита“ – прва сликовница од Едицијата Библиотерапевтски приказни на психологот за деца и адолесценти Христина Стефановска.
Илустратор е Тања Тас, а промотор на сликовницата е проф д-р Весна Мојсова Чепишевска.
Читањето книги е нешто што ќе не држи будни, со отворен ум, со чисто срце. Затоа, многу е важно да ги учиме децата да читаат. Со тоа вложуваме во нивната иднина и градиме карактери со голем потенцијал но, најважно е што градиме луѓе кои ќе бидат со широко срце, искрени а со тоа и среќни. Авторското длабинско познавање на детската психологија резултирало со книжевно дело кое како спој на текст и илустрација, има за цел, откривајќи му го светот на детето околу него, да го мотивира не само на размисли и прашања, туку и на конкретно дејство – задружување на својата индивидуалност и совладување на читањето и приврзаност за книгата.
Во дел од својата рецензија за оваа поучна приказна, проф д-р Весна Мојсова Чепишевска ќе напише:
„Во светот одамна се практикува т.н. библиотерапија или терапија со приказни. Овој метод го применува и психологот Христина Стефановска. Имено, самата нејзина приказна „Глувчето што сакаше да чита“ немилосрдно го соочува детето (преку глувчето) со грубата стварност и отворено говори занеколку проблеми кои се јавуваат во рамките на семејството и општеството, како: отфрлено дете, дете кое е дежурно виновно скоро за сѐ, дете кое е неприфатено, омаловажено, исмеано од своите другарчиња, дете кое добива етикета дека за ништо не го бива, зашто, едноставно е дете кое отскокнува од својата средина, зашто е препаметно, преначитано, зашто во неговото главче освен игрите претрчуваат и илјадници бројки, илјадници букви, илјадници формули и слики. А приказните треба да остават силен впечаток врз децата, атие со воодушевување да преземаат одредени модели на однесување и идеи за разрешување на одредени проблеми.”
„Преку литературата за деца, поточно преку сказните, детето го согледува она што културата сака да го премолчи, правејќи се дека не постои темната страна на човековата личност и мрачната страна на животот.“, пишува Нина Анастасова-Шкрињариќ во својата книга „Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд“ (2011: 21).“
– „Не гаси го своето светло само затоа што некому му оди во очи. Твоето светло е составен дел од тебе“ – е важната порака што детето ќе ја добие на најбезбеден начин преку оваа библиотерапевтска приказна. Со соодветено избран фонд на зборови, авторката успева да ја долови големината на чувството на вина кај едно дете кое се обидува да се вклопи во општеството во текот на својот развој. Одлична библиотерпевтска приказна која дозволува да биде применлива за секој родител, а не само за психотерапевти„- ќе каже Доц. д-р Ана Чучкова професор на Факултетот за психологија при МСУ.
„Оваа прекрасна сликовницата ја обработува психологијата на припаѓање и прифаќање и филозофијата на осаменоста. Преку ликот на глувчето Зизи се крои приказна за неправдата, нарушената самодоверба и чувството на отфрленост, состојби кои се клучни за менталното здравје на децата. Малиот Зизи на секаков можен начин се обидува да се вклопи во средината, да биде прифатен, почитуван и сакан. Во обидот да најде другарчиња постојано им помага на другите животни, носејќи им храна, стражарејќи покрај нивните куќи, грижејќи се за малите и штотуку родени животинчиња, па дури и им ги чисти дворовите, но сè е залудно бидејќи тие постојано и одново наоѓаат некаква причина да му се потсмеваат и да го отфрлат. И додека наративната динамика се врти околу оската на осаменоста и пријателството, во еден миг смело го прекршува дискурсот на болката преку препознавањето и солидарзирањето со една светулка. Преку неа, Зизи започнува големо пријателство со книгите од библиотеката од кои многу ќе научи, за најпосле да стане лекар што ќе им помага на сите животни кога ќе им биде потребно. Зизи има супермоќ е приказна во која обесхрабреноста се перпетуира во надеж. Еден од клучните мотиви во оваа илустрирана книга за деца е: „Не гаси го своето светло само затоа што на некому му оди во очи”. Имено, иако главната нарација не бега од тагата како емоција, таа завршува оптимистички, иницирајќи борба за решавање на проблемите и надеж. “ – вели Ана Јовковска во својата рецензија.
Авторката на оваа приказна, Христина Стефановска, уште како малечка сакала да пишува и твори. Иако се обидувала тоа да го видат и препознаат другите, тие таленти, способности и афинитети останале како тајна на нејзиното малечко срце и најубавиот начин за лекување на душата. И еве, години подоцна, како дел од нејзината професионална психолошка и психотерапевтска пракса, таа „нурнува“ во приказните за најтемните и најдлабоките места во нас, и како што самата вели:
„Животот повторно ми даде шанса да бидам автор и да ги реализирам моите успани таленти кои ги препознав сама преку мојата библиотерапевтска работа. Тогаш го видов моето светло како скаппоцен дел од мене.“
Илустраторката Тања Тас е е дипломиран сликар, вокалист, текстописец, артист, илустратор, графички дизајнер. Зад себе има повеќе изложби, концерти, голем број на музички изданија, соработки со македонски музичари.
„Глувчето Зизи од приказната на Христина Стефановска заигра во моите мисли па од нив рипна на белата хартија. Ми го исполни срцето со силни емоции… од тага на почетокот до радост и задоволство на крајот кога тоа ја најде својата среќа, му даде смисол на својот живот. Илустрирањето на оваа приказна ми беше прекрасно патување на кое со радост ќе се навраќам.“ – вели Тања