Вечерва во 20:00 часот, во КСП „Центар-Јадро“, ќе се одржи промоцијата на зборникот „Кога те нема, најприсутна си тогаш: Родот и сексуалноста помеѓу субверзија и дисциплина во македонската култура“, во уредништво на Славчо Димитров и Мања Величковска, во издание на Коалиција МАРГИНИ.
Овој интердисциплинарен зборник истражува на кои начини родот и сексуалноста се појавуваат, се премолчуваат, но и се пробиваат во македонската култура — од народното творештво и етнографијата, преку книжевноста, до визуелните и изведувачките уметности, филмот и популарната култура.
Книгата обединува нови истражувачки текстови напишани специјално за ова издание, како и значајни студии кои повторно се враќаат во јавна и академска циркулација. За првпат се објавуваат трудови на Ана Мартиноска, Инес Црвенковска-Ристеска, Калина Малеска, Јованка Попова, Славица Србиновска и Душица Лазова.
Покрај овие нови текстови, зборникот вклучува и избор на претходно објавени студии и архивски материјали кои повторно се враќаат во академска и културна циркулација. Во овој дел се застапени трудови од Маја Бојаџиевска, Лени Фрчкоска, Ана Ашталковска Гајтаноска, Елизабета Баковска, Славчо Димитров и Биљана Тануровска-Ќулавковски, Сашо Александар Ламбевски, како и една архивска полемика приредена од Душица Димитровска Гајдоска.
На промоцијата во КСП „Центар-Јадро“, покрај уредниците, ќе земат збор и дел од авторките чии текстови се првпат објавени во овој зборник: Калина Малеска, Инес Црвенковска-Ристеска и Душица Лазова.
„Уредувањето на оваа книга е обид да создадеме текстуално тело што истовремено ќе ги држи и ‘високата’ теорија и ‘ниската’ култура, и архивираното и усното, и фолклорот и клупското, и романескното и поп-рефенот, и етнографската белешка и перформансот – како доказ. Со тоа, зборникот не ги опишува само механизмите на послушност, туку ги собира и трагите на субверзија и амбивалентни постоења кои не можат да се ситуираат никаде, примерите што пробиваат низ моралот, ги контаминираат воспоставените модели и случајно (или намерно) кажуваат повеќе од дозволеното. Нивна заедничка сила е што сега, низ ова нивно обединување, создаваат контраархива, кога јавниот простор и јазик се поларизираат покажувајќи дека домашната култура отсекогаш била сложена, недовршена и полна со (не)послушни исклучоци.“ —велат Славчо Димитров и Мања Величковска.