Промоција на стрипот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“

„ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ е епска фантазија со доза на егзистенцијална паника, нежна иронија, и судбина што не прифаќа мислења од други

На 18 февруари (среда), со почеток во 19:00 часот, во просторот на Laboratorium ќе се одржи промоцијата на стрип-албумот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ од Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ, a во издание на Фликер Студио. Настанот е отворен за сите посетители, а стрипот ќе биде достапен по промотивна цена.

„ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ е епска фантазија со доза на егзистенцијална паника, нежна иронија, и судбина што не прифаќа мислења од други. Волшебникот Лом е исправен пред тежок избор: дали да ја следи Луси низ Портата на Јанус во свет без магија, инаку познат како Тексас, или да остане во Долината на Големото Ништо и да ја прифати улогата на племенски водач? Проблемот е што единствениот начин Луси да се врати дома води право кон Хегем, вештер со толку лоша репутација, што дури и гласините одбиваат да му пријдат поблиску…

Ова издание е директно продолжение на стрип-албумот „ЛОМ: Волшебникот од Големото Ништо“ од 2020 година. 

За авторите

Ивица Дукоски е сценарист на стрип-албумите „Црната аурора“ (2018), „Неонски ноќи“ (2018), „Аника и Тигран“ (2020) и „Светите ловци“ (2021), сите со цртеж од Благојевиќ. Дукоски активно се занимава со критика на филм, музика и стрип во повеќе медиуми, а вклучен е и во организацискиот тим на меѓународниот фестивал за стрип Стрип Трип.

Владимир Благојевиќ – Владодлак е дипломиран етнолог и едукатор во Музејот на Република Северна Македонија. Активен е во областа на илустрацијата и ракотворбите, со бројни самостојни и групни изложби. Покрај соработката со Дукоски, автор е на стрип серијалот „Патот на старите богови“ (2024), а го уредува и списанието „Тешка машинерија“.

За издавачот

„ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ е прво издание на Фликер Студио во областа на стрипот. Фликер Студио е издавач на арт книгите „Мезанин“ на Иван Ивановски и „Flow“ на Александра Ацеска. 

Промоцијата во Laboratorium претставува можност за директна средба со авторите, разговор за креативниот процес и запознавање со новото поглавје од светот на Лом.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни