Утре (15 октомври) ќе се одржи промоцијата на монографијата „Летај Галебе“, посветена на маестро Кире Костов – еден од најзначајните македонски композитори, аранжери и диригенти. Настанот кој претставува омаж на неговото животно и уметничко дело, чиј опус остави неизбришлив белег во современата македонска музика, ќе започне во 19 часот, во кафе „Литература“ во Дајмонд Мол.
„Монографијата ја создадовме со многу љубов и почит. Кире беше човек што целосно ѝ се предаваше на музиката и на луѓето околу него. Со оваа книга сакавме да му возвратиме со иста љубов – да покажеме колку ни недостига, но и колку многу ни остави. Секој ред, секоја фотографија и секое сведоштво носат дел од неговата енергија, која и понатаму нè инспирира“, изјави Кармен Костова.
Автори на монографијата се Снежана Анастасова Чадиковска – истакната македонска пијанистка, пијано педагог, музички публицист и организатор, и Марко Коловски – виден музиколог, публицист, новинар и општественик.
Визуелниот идентитет го креираше Методија Ачевски, а изданието е реализирано во печатницата „Бранко Гапо“.
Монографијата „Кире Костов“ ги осветлува животниот пат и грандиозното дело на маестро Костов – низ фотографии, сведоштва и архивски материјали што сведочат за неговиот влог во македонската култура.
Промотор на делото е проф. д-р Александар Трајковски – музички теоретичар, истражувач, педагог и публицист, а модератор на промоцијата ќе биде Живкица Каленикова.
На настанот ќе зборува и Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на Кире Костов, која е иницијатор на проектот.
На промоцијата се очекува присуство на бројни уметници, пријатели и соработници на маестро Костов, кои ќе му оддадат почит на човекот чие творештво е белег на македонската музика и време.
Промоцијата е и најава за претстојниот гала-концерт „Летај Галебе“, што ќе се одржи на 11 ноември во Националната опера и балет, во режија на Дејан Пројковски.
Концертот ќе обедини голем број македонски музичари и соработници на Кире Костов, кои со изведби во живо ќе му оддадат почит на неговото дело.