Секој од четирите текстови поместени во книгата „Драмолетање“ носи специфичен авторски глас и отвора простор за ново сценско истражување – од интимни прашања, преку социјални и политички теми, до хумор и апсурд. Со оваа книга не само што ја претставуваме новата генерација драмски автори, туку и поставуваме темели за идни соработки и нови претстави – рече Петар Антевски, приредувач на изданието „Драмолетање“, во продукција на Македонскиот народен театар, што беше промовирано завчеравечер на Факултет за драмски уметности во Скопје.
Во соопштението од МТФ „Војдан Чернодрински“, се наведува дека низ читачка промоција, што ја режираше Шенај Мандак, на публиката ù беа доближени четирите драми. Ова издание е резултат на желбата за осовременување на најстариот македонски театарски фестивал. Комисијата судејќи според три критериуми – релевантност, оригиналност и продукциска вредност, а во состав од Шенај Мандак (режисерка), Ангела Стојановска (глумица) и Петар Антевски (продуцент) избра четири текста: „Голи души“ од Иван Додовски, „Ложа“ од Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ од Ева Камчевска и „Чудесен лек“ од Коста Бојчески.
„Современата македонска драма е најзапоставениот сегмент во македонскиот театар. Иако постои силен творечки потенцијал, голем дел од новите драмски текстови ретко стигнуваат до сцената. Затоа решивме да направиме конкретен чекор и да создадеме простор каде што авторите ќе се сретнат со режисери, продуценти и театри – и каде нивните текстови ќе добијат реална можност за живот. Така се роди програмата „Драмолетање“. Во јуни 2025 година го имавме првиот пичинг-форум каде четворицата автори имаа можност да ги претстават своите драмски текстови пред професионалната публика меѓу кои и директори на театри и режисери. Првиот повик покажа колку е ова потребно – пристигнаа 14 драми со различни теми и стилови – рече Антевски. Идејата беше книгата да биде во дигитално издание, достапна е на нашата интернет-страница www.mtf.com.mk, имаме малку испечатени примероци и за да не слушаме изговори од типот „Не ја најдовме книгата“, посочи Ана Стојаноска, директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“ и професорка на ФДУ.
„Зошто сме фокусирани на македонската драма и театар? Не затоа што го предавам овој предмет, не затоа што и самата сум авторка чии драми не се поставени на сцена, освен една радиодрама, туку сметам дека е важно зашто нема ниту еден национален театар без национална драма. Таа максима многу е релевантна само кога има некаква си програма политичка, па така добро звучи. И сè е супер, ама тоа лебди во воздухот. Лично мојата мисија е колку можам да ја промовирам македонската драма, без разлика што и да работам и како директорка на најзначајниот театарски фестивал, којшто не само со мене, тука е и Катерина Коцевска, сите ние некако се бориме да има повеќе македонски драми. Ама проблемот не е до нас во процесот на селекција, туку што тие драми не се поставени. Идејата на „Драмолетање“ беше да се премости тој момент, односно да не останат драмите во некоја фиока, туку да може да се претстават пред оние кои можат да ги постават – режисерите, продуцентите, директорите на театрите. Се надевам дека оваа мисија ќе продолжи и конечно можеби ќе здосадиме и ќе некој ќе реши да ги постави на сцена. Смачено ми е кога се зборува дека не сме имале драми. Тоа не е точно, имаме одлични автори кои пишуваат, го имаме Дејан Дуковски кој и вечерва е со нас, имаме автори што поминале низ овој факултет, ама треба да го направиме тој мост меѓу нас. Ова е мојот апел до јавноста за репертоарната политика, дека мора да се внимава многу за тоа дали ќе се постави домашен текст на театарските сцени. Благодарна сум на сите што испратија текстови. Намерно ги вклучив младите луѓе во селекцијата на драмите, затоа што сметам дека тие се релевантни, оти тие го живеат денешниот театар. Се надевам драмите нема да останат само помеѓу кориците на оваа книга“, истакна Стојаноска.
Менторските работилници ги водеше м-р Јанко Љумовиќ, професор на Факултетот за драмски уметности во Цетиње и еден од најистакнатите регионални експерти за театарска продукција. Неговото искуство и пристап им овозможија на авторите не само да стекнат важни вештини за нивна професионална презентација пред стручна публика.
-Новата драма е потребна бидејќи театарот секогаш се враќа на прашањето за нашата (домашна) драма во нашиот театар. И не само во нашиот, бидејќи тоа наше (домашно) често знае да биде глас што е важен и за другите. Знаеме дека тоа е голема вредност на македонската драматургија која, како и секоја друга жива уметничка практика, се бори и со сопствената традиција и историја. И токму тоа го прават нашите драмски автори во оваа приказна. Ова е пример за одговорен однос на националниот фестивал кон развојот на македонската драматургија. Вака собрани, тие претставуваат единствен авторски глас, кој преку различни авторски стратегии и постапки нуди можност за збогатување на театарскиот репертоар. Сценскиот живот на нивните јунаци открива и нови авторски имиња кои треба да се охрабрат и да се направат видливи, бидејќи доаѓаат од разновидниот културен и театарски атлас на Северна Македонија. Токму тој факт од менторска перспектива, или друга перспектива, отстрана (од Црна Гора) се чини вреден. Зашто читањето не само на текстовите, туку и на биографиите, како и на страстите и поривите на авторите на овие драми, го прави македонскиот театарски систем жив, затоа што театарот не само што се гледа, туку и се чита.
За авторот Иван Додовски посебно значење има што книгата е во издание на најзначајниот театарски фестивал во земјава.
-„Голи души“ е драма за генерациите на преминот, драма со седум лика, во која комуницираат небото и земјата, драма на сновиденија и црнила нашата транзиција, но во исто време и љубовна драма. За потрагата по смисла во свет на распад што го живееме. Смо во љувовта може да се најде смисла, кога ќе се допре гола душа до гола душа, само тогаш може да се премостат световите и да се допрат со цветот што Офелија му го дава на Хамлет, седефче, цветот на покајанието, кое во оваа драма Сања му го дава на Александар. Сакам да им заблагодарам на сите од тимот на „Драмолетање“, што овозможија овие драми да бидат избрани. Простиот и строг факт дека нема
македонски театар без македонска драма треба да го разбереме и да биде императив за сите наши театри и се надевам дека тој предизвик ќе го прифатат веднаш.
Марио Стојаноски ја промовираше својата „Ложа“.
„Станува збор за кратко интимно истражување на прашања и теми што мене лично ме интересираат, напишано во монодрамска форма, но не на ниво на исповед, Заплетот се гради во два правци, едниот правец е единствениот присутен лик, Виктор 30 и нешто годишен архитект, доаѓа во ложа за деловен состанок и очекува дека ќе има зделка, ама наскоро сфаќа дека е фатен во стапица и не може да излезе. Текстот доби втора награда на конкурсот за најдобар монодрамски текст на фестивалот во Битола“, рече Стојаноски.
Авторката Ева Камчевска, која не присуствуваше на промоцијата, го сподели своето видување за својата драма.
„Човек мора да се запраша дали Хитлер е жив. Во зафрлено македонско село во поле со домати од небото паѓа Хитлер. Го наоѓа Спасија, лекарка која е загрозена поради голем скандал со лекови во кои не е виновна, ама земала неплатен одмор. Се бори со морални дилеми. Разделена од својот сопруг, новинар желен за сензации, таа живее сама во стара колиба. Во шок по појавата на Хитлер, Спасија брзо сфаќа дека Хитлер се гордее со холокаустот. Со дистанцата што ја имаме од тоа време, мислиме дека нештата никогаш повеќе не може да се случат. Тоа беше инцидент за човечката цивилизација и сите треба да се срамиме од тоа. Но, како што покажува политичката елита, фашизмот и тоа како е жив и луѓето кои порано молчеа и тоа како ги поддржуваат идеите на Хитлер. Оваа драма е апсурдна-комична алегорија на злото, политиката, општествениот хаос, таа ја истражува човечката природа и кога злото ќе се врати, дали имаме храброст да направиме нешто поинаку“.
Коста Бојчески кратко ја долови својата драма „Чудесен лек“.
„Пациенти во болнички пижами, пациенти во униформи, во бели мантили и фино дотерани пациенти, не пациенти, луѓе како нас. Всушност е приказна за пациентството како состојба на свеста и лично убедување“, рече тој.
Дизајнот на книгата го направи Ема Велковска, а лектурата е на Ивана Кузманоска.
Читаа актерите: Ирена Димеска, Давид Димоски, Милан Петровски, Озан Идрис и Ангела Пејковска.
„Храбриот нов театар“ е слоганот што Ана Стојаноска го најави за 60. јубилејно издание, што ќе се реализира од 12 до 19 јуни 2026 година во Прилеп.