Промоција на „Индиго солзи“ од Нино Наумовски

На 27 октомври, со почеток во 19:19 часот, во Салон Империјал 2 се одржа промоцијата на поетската стихозбирка „Индиго солзи“ на младиот автор Нино Наумовски – вечер исполнета со музика, зборови и младешка искреност.

Во атмосфера исполнета со поезија и урбан ритам, вечерта на 27 октомври 2025 година, во Салон Империјал 2, ќе биде промовирана стихозбирката „Индиго солзи“ на Нино Наумовски, во издание на „Бата Прес“. Настанот ќе започне точно во 19:19 часот, во духот на симболиката што самиот автор ја пренесува преку своите стихови – прецизност, младешка енергија и спонтана емотивност.

Како што стои во соопштението на Културно-информативниот центар – Скопје, промоцијата ќе ја збогатат Снежана Стојчевска и Александар Русјаков, кои ќе ја истакнат свежината и автентичниот поетски израз на Наумовски. Публиката ќе биде вовлечена во интимниот свет на стиховите – полни со боја, болка и бунт, но и со надеж за едно поколение што не се плаши да зборува за своите чувства.

„Индиго солзи“ претставува бит-балада на младоста, сведоштво за генерацијата што живее на границата меѓу осаменоста и слободата. Наумовски, познат и по својата активност како музичар и водител, во својата поезија ги спојува звукот, зборот и градскиот пулс, создавајќи интимен поетски универзум во кој младоста не се извинува за својата ранливост.

Промоторот Алек Русјаков истакнува дека оваа книга е доказ дека поезијата на новата генерација има моќ да ја преобликува стварноста: „Со само деветнаесет години, Нино успева да го спои бунтот и љубовта, гневот и нежноста – и да создаде свет каде стихот звучи како песна што допрва ќе ја пеат идните генерации.“

Вечерта ќе биде и во знак на музика, аплауз и разговор меѓу младите автори и посетителите, потврдувајќи дека „Индиго солзи“ не е само поетска збирка, туку покана за размислување, чувствување и автентично живеење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни