Промоцијата на романот „Тирза“ од холандскиот писател Арнон Грунберг кој годинава излезе на македонски јазик во превод на Ацо Перовски ќе се одржи на 24 јуни во 20 часот во КПЦ Јадро. Промотор ќе биде поетот и преведувач Александар Маџаровски, чија рецензија за романот можете да ја слушнете на неговиот Јутјуб канал „Читачот“.
Приказната го следи Јерген Хофместер, кој живее удобен живот во најелитниот дел на Амстердам, има милионска заштеда во банка, две возрасни ќерки и угледна работа во издавачка куќа. Дури и недоразбирањата што ги има со сопругата полека се надминуваат додека мирно го очекува денот кога ќе се пензионира. Неговите денови се лежерни и спокојни и тој се гордее со фактот дека спие мирно како бебе – освен понекогаш, кога се прашува дали е, всушност, чудовиште. Според „Die Presse“ романот е „вознемирувачко и брилијантно истражување на животот на средната бела класа, зачинето со елементи на семејна драма и трилер“.
Арнон Грунберг е роден во Амстердам во 1971 година. Работи како издавач, новинар и писател, а живее во Њуорк. Првиот роман, „Син понеделник“, го напишал во 2000 година и за него добил награда за најдобра дебитантска книга во Холандија. Оттогаш има напишано и објавено триесетина книги, меѓу кои како особено успешни се издвојуваат романите „Азилант“, „Тирза“, „Нашиот вујко“ и „Добри луѓе“.