Вечерва во 19 часот, во кафе-барот „Кашмир“ ќе се одржи промоцијата на новата прозна објава од Максим Ристески, збирката раскази „Нешто трето“. Промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Ивица Димитријевиќ, а настанот ќе го модерира Игор Анѓелков. Се работи за 236 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, а втора книга на Ристески, по романот „Пештера“ од 2022 година.

„Расказите на Максим Ристески кријат комплексни светови и длабоки пораки за промените кои се случуваат во духовната стварност, а кои без сомнение ќе бидат предизвикувачки за македонската читателска јавност. Обликувани во јасен, богат и сликовит израз, со обмислени и динамични реченици и внимателно селектиран избор на зборови, расказите од оваа збирка на Ристески се потврда за стилската особеност и дарба на овој раскажувач, кој допрва треба да биде вистински препознаен од критиката и публиката“, вели Ана Мартиноска во освртот кон новата книга на Ристески.
Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, и како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист… Бил музичар, а продолжува да се занимава и со ликовна уметност. „Нешто трето“ му е прва збирка раскази, по романот „Пештера“.