Промоцијата на новата и втора поетска збирка на Љубица Шопова „Надвор од единиците мерки“ во издание на „Илика“, ќе се одржи на 2 април во 19:00 часот, во КСП Центар-Јадро. Со авторката ќе разговара Катерина Шекутковска, а стихови ќе чита Ивана Јовановска.
„Надвор од единиците мерки“ е контемплативна и нежна поетска збирка во која Шопова ги истражува границите помеѓу материјалното и духовното низ поезијата, потсетувајќи нѐ на нештата што не можат да се дофатат со голо око, што не можат да се квантифицираат и да се измерат. Темпорарноста на човечкото постоење, искуството на телото во транзиција, промените на личниот идентитет во корелација со промените на опкружувањето и на светот се некои од темите со коишто се занимава Шопова во нејзината нова стихозбирка.
За збирката Александра Спасеска вели „Истовременоста на физичката болка и метафизичкото истражување го открива лирското јас кое како да се освестува за сè уште присутната способност да погледне подалеку, да погледне појасно и да го спознае неспознатливото. Шопова вешто ја истражува дихотомијата помеѓу говорот и тишината.“
Љубица Шопова (1985) е родена во Скопје. Дипломирала и магистрирала на Економскиот факултет во родниот град. Пишува поезија и статии од областа на бихевиоралната економија. Во 2020 година ја објавува својата прва збирка поезија „Форми во создавање“ во издание на „ПНВ Публикации“. Учествувала на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар, каде нејзините песни се најдоа во потесен избор од десетте најдобри учесници. Во 2023 година беше една од учесниците на 35. издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“. Настапила и на неколку поетски читања низ Македонија, меѓу кои: „Астални проекции“, „Бела ноќ“, „Поетска епизода“ и „Добри гости“ во Тетово, како и „Овде паѓаат крупни зборови“ во рамките на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Нејзината поезија е застапена во домашната периодика и е преведена на српски јазик.