Промоцијата на најновата книга на Бранко Тричковски со наслов ВМРО МИТ КОНЦЕПТ КРАЈ ќе се одржи на утре, петок, 12 април, во Домот на културата „Кочо Рацин“ (Дом на градежниците) со почеток во 19 часот.
Како и претходната книга „Мојата борба со Македонија“ од Тричковски, се работи за обемно издание. Книгата е на 635 страници, а е во издание на Шорткат продукција.
Дизајнот на корицата е на познатиот ликовен уметник и дизајнер Зоран Кардула. Графичката опрема на книгата е на тимот на Шорткат продукција. На задната корица се поместени три кратки осврти од Сашо Орданоски, Валентин Нешовски и Џабир Дерала (издавач и уредник). Ќе најдете и кратка биографска белешка со фотографија од Авторот што ја направи познатиот фотограф Чедо Поповски. Во подготовката на овој издавачки проект волонтерски учествуваше целата редакција Фронтлајн.
На промоцијата ќе говорат издавачот Џабир Дерала, универзитетската професорка и колумнистка Емилија Целакоска и поетот Лазар Попов. На промоцијата се најавува и обраќање од самиот Автор, Бранко Тричковски.