Промоција на „Суспендирана итност“ од Ивана Хаџиевска во Битола 

Настанот ќе се одржи на 27. септември, од 18:00 часот во културниот центар „Магаза“, а со авторката ќе разговара Елена Ристевска Лутовска


По промоцијата во Скопје, збирката теориски есеи „Суспендирана итност. Есеи од крајот на времето“ (2025, Илика) од Ивана Хаџиевска ќе се промовира и во Битола. 

Настанот ќе се одржи на 27. септември, од 18:00 часот во културниот центар „Магаза“, а со авторката ќе разговара Елена Ристевска Лутовска. Во рамки на настанот публиката ќе има можност да се запознае и со работата на иницијативите „Контра библиотека“, „Контра кадар“ и „Пондер“. 

„Суспендирана итност“ е збирка есеи кои Ивана Хаџиевска ги пишувала и ги објавила во периодот од 2014 до 2024 година. Тие се пишувани низ призмата на историјата, социологијата, филмот и родовата димензија. Авторката ги разгледува симптомите на руптурните кризи кои го потресувале светот од 20 до 21 век. Состојбите се прикажани низ компаративни ракурси кои фокусираат локално и глобално, но наместо балканската ексцентричност, се обидуваат да ja допрат и универзалноста на проблемите на капитализмот, идеологиите и влијанието на кризите врз луѓето и заедниците.

Ивана Хаџиевска (1995) е историчарка и независна истражувачка. Дипломирала историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје во 2018 година. Магистрирала во областа на економската историја. Истражува во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените и политиките на сеќавање. Во изминатите десет години соработувала со многубројни домашни и интернационални истражувачки тимови и социјално-ангажирани колективи. Живее и работи во Битола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни