Промоција на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“

Во дворот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, вечерва во 19 часот, ќе се одржи промоција на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска, издание на „Поетска ноќ во Велестово“.

Изданието содржи песни од 114 поетеси што живееле/живеат и твореле/творат во Македонија од времето на преродбата, сѐ до ден-денес. Книгата е поддржана од Министерството за култура, а промоцијата е дел од понудата на Град Скопје ‒ кандидат за европска престолнина на културата за 2028 година.

Промотори на книгата ќе бидат приредувачите Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска.
Стихови ќе читаат: Гордана Михаилова-Бошнакоска, Сеида Бегановиќ, Дијана Петкова, Елизабета Баковска, Ана Димишковска, Сузана В. Спасовска, Маја Апостолоска, Ана Стојаноска, Емељ Туна, Николина Андова Шопова, Биљана Стојановска, Александра Спасеска, Ана Голејшка Џикова, Катерина Гогова, Лира Бојку, Христина Цветаноска, Ивана Јовановска и Софија Тодороска.

„Бранот на романтизмот што ја зафатил Македонија во средината на XIX век, всушност го претставува зародишот на македонското женско творештво. Врз него е изградено и современото македонско женско авторство, како впрочем, и целокупната современа македонска книжевност“ ‒ во предговорот вели Славчо Ковилоски.

„Нѐ радува фактот што современата генерација авторки е рамноправна на книжевната сцена, освојувајќи значајни меѓународни поетски награди, членувајќи во жиријата за доделување награди, а некои од нив се и издавачи, организатори на поетски фестивали и слично. Особена надеж полагаме во најновата генерација поетеси и со нетрпение чекаме да го посведочиме нивниот голем успех. Прославувајќи ги овие исклучителни гласови на македонските поетеси свесни сме за дострелите на македонската поезија воопшто, а нивното поетско писмо претставува растреперен лирски нерв моќен да разбуди емпатија, разбирање и длабока човечност“ ‒ ќе истакнат Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни